Боки 13 се враќа во судница, закажано ново судско рочиште за Меѓународен сојуз

од Берта Китинска
322 прегледи

Денеска во Kривичниот суд во Скопје е закажано ново судско рочиште за предметот кој се однесува на невладината организација Меѓународен сојуз – Скопје, на Бојан Јовановски – Боки 13.

Првото рочиште на 1 јули беше одложено поради барање за изземање на обвинителката Вилма Русковска од овој предмет.

Барањето го поднесе Фросина Ременски која е третообвинета во случајот за измама, а потоа кон него се приклучи и Јовановски кој, пак, е првообвинет за измама и за перење пари.

На спротивната страна од Русковска во судницата денеска треба да седнат и останатите тројца обвинети. Заменик-претседателката на Меѓународниот сојуз, Јасна Ерцеговиќ-Мандиќ и асистентката на Боки, Христина Блажевска – двете се товарат за помагање во делата измама и перење пари. Петообвинет е таткото на Боки, Миле Јовановски и на товар му се става помагање во перењето пари како и неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје бидејќи при претрес во неговиот дом биле пронајдени три полуавтоматски пиштоли и муниција за кои немал дозвола. Како правно лице обвинета е и невладината организација.

Судскиот процес го води судечки совет составен од двајца поротници и судијката Софче Гаврилова-Ефремова која беше втора судијка и во случајот „Рекет“. Доколку не дојде до ново одложување, на денешното рочиште се очекува обвинетите да се произнесат за вина, како и странките да ги дадат своите воведни зборови.

Слични содржини