Не престануваат реакциите откако синоќа српската пејачка Светлана Цеца Ражнатовиќ го развиори бугарското знаме при нејзиниот настап во спортската сала во Велес. Македонската јавност остро го осуди потегот, а видеата од моментот станаа вирални.
Додека обожавателите на Цеца ја оправдуваат дека станало збор за недоразбирање, други сметаат дека гестот бил свесен и навредлив. Дел од критичарите е и македонскиот водител Бојан Јовановски, познат како „Боки 13“. Тој преку објава на својот профил на Инстаграм ја праша Цеца што направила.
„Што направи Цецо, сред Велес, сред Македонија, со тоа бугарско знаме?! Ти го подметнаа жено, а ти уште и го бакнуваш. Што направи, Цецо. Аман, жено што направи сред Македонија и Велес. И ние имаме патриотизам,“, вели Боки-13 во својата објава.
На синоќешниот настап во Велес, до српската пејачка се приближува еден од присутните на бината, најверојатно нејзин соработник, и ѝ сугерира да го тргне знамето кое претходно го развиори пред публиката. Според видеата објавени на социјалните мрежи, Цеца во прв момент изгледа збунето, а подоцна се обидува да ја смири публиката. По инцидентот, таа на бината го подигна македонското знаме.