Поранешниот телевизиски водител Бојан Јовановски-Боки 13, кој издржува затворска казна, е задржан на лекување во болница, каде од затвор е донесен на контролен преглед.
Ова го изјавил адвокатот на Боки 13, Владимир Туфегџиќ, наведувајќи дека причина за неговото задржување на хируршката клиника е влошувањето на неговата здравствена состојба, поради тоа што не ја прима пропишаната терапија и нема соодветен третман во затворот „Идризово“ каде издржува повеќегодишна затворска казна.
Адвокатот на Јовановски веќе поднел барање до директорот на Управата за извршување санкции на неговиот клиент да му одреди триесетдневен прекин на казната поради потребата од болничко лекување.
Минатиот месец Боки 13 беше претепан во затворо, а поради влошена здравствена состојба претходно му беа извршени дополнителни болнички прегледи.
Поранешниот водител е во затворот „Идризово“ од 23.06.2021 година, каде издржува деветгодишна затворска казна, на која е осуден во случајот „Рекет“, за изнуда на пари од бизнисменот Јордан Камчев.