Болестите кои ги пренесуваат животните би можеле да убијат 12 пати повеќе луѓе до 2050 година

од Stefanija Kuzmanovska
214 прегледи

Одредени болести кои се пренесуваат од животните на луѓето би можеле да убијат 12 пати повеќе луѓе во 2050 година отколку во 2020 година, велат научниците.

Експертите од американската биотехнолошка компанија Ginkgo Bioworks повикаа на „итна акција“ за да се намали ризикот за глобалното јавно здравје. Епидемиите предизвикани од зоонозни болести би можеле да станат почести во иднина поради климатските промени и уништувањето на шумите, предупредуваат тие.

Анализата ги разгледа историските трендови за четири специфични вирусни патогени. Станува збор за филовируси, кои вклучуваат вирусот ебола и вирусот Марбург, САРС Коронавирус 1, вирусот Нипа и вирусот Мачупо, кој предизвикува боливиска хеморагична треска.

Студијата не вклучуваше ковид-19, кој предизвика глобална пандемија во 2020 година и веројатно потекнува од лилјаци. Научниците прегледале повеќе од 3.150 епидемии помеѓу 1963 и 2019 година, идентификувајќи 75 преноси од животно на човек во 24 земји.

Базата на податоци опфаќа епидемии пријавени од Светската здравствена организација (СЗО), епидемии кои се случиле од 1963 година кои убиле 50 или повеќе луѓе и историски значајни настани, вклучувајќи ги пандемијата на грип од 1918 и 1957 година.

Настаните предизвикаа 17.232 смртни случаи, од кои 15.771 беа предизвикани од филовируси и најмногу се случија во Африка. Научниците рекоа дека епидемиите се зголемувале за речиси 5 отсто секоја година помеѓу 1963 и 2019 година, а смртните случаи се зголемиле за 9 отсто.

„Ако овие годишни стапки на пораст продолжат, очекуваме анализираните патогени да предизвикаат четири пати поголем број на преноси и 12 пати повеќе смртни случаи во 2050 година отколку во 2020 година“, додаваат тие.

Исто така, посочуваат дека бројките веројатно се потценети поради строгите критериуми за вклучување на патогени во анализата и исклучување на ковид-19.

Истакнуваат дека проценката на доказите сугерира дека неодамнешните епидемии предизвикани од зоонозни прелевања „не се случајност“, туку следат „повеќедецениски тренд во кој избувнувањата предизвикани од прелевања станаа поголеми и почести“.

Тимот додаде дека „потребна е итна акција за справување со големиот и растечки ризик за глобалното здравје“ врз основа на историските трендови. Наодите од студијата беа објавени во списанието BMJ Global Health.

Слични содржини