Струмичката болница денеска доби санитетско возило од Дирекцијата за заштита и спасување.
Возилото е дадено откако за викендот директорот на болницата, д-р Наќе Гогов, на Фејсбук побара помош за донации за набавка на возила за превоз на пациенти до Скопје и Штип.
-Со превозот на пациенти се најдовме во многу тешка состојба заради застарениот возен парк. Имавме само две возила, од кои едното го користевме за транспорт на други пациенти, а второто за болни од коронавирусот. Ова возило ја има сета потребна опрема за превоз на пациенти и многу ќе ни помогне во овој период, рече директорот Гогов.
Додаде дека до крајот на годината треба да пристигнат две нови амбулантни возила од Министерството за здравство, со што болницата ќе ги има сите услови за превоз на пациенти.
Инаку, во последните денови во Струмичко драстично е зголемен бројот на заболени од Ковид-19 со рекордни 80 заболени во еден ден како што беше завчера. Сместувачките капацитети во струмичката болница од четирисетина кревети се целосно исполнети, а секојдневно на амбулантна терапија доаѓаат уште 42 пациенти.