Бразилскиот претседател во заминување Жаир Болсонаро го прекина дводневниот молк по поразот на претседателските избори во неделата, но одби да му честита или да ја признае победата на ривалот Луис Инасио Лула да Силва.
Болсонаро им се заблагодари на гласачите кои гласаа за него, но не го призна поразот. Сепак, тој не ги оспори изборните резултати, како што многумина стравуваа, пренесува Би-Би-Си.
Тој во краткото обраќање до медиумите рече дека секогаш постапувал во рамките на Уставот и дека ќе продолжи да го почитува.
Сепак, тој не го спомна неговиот противник, Луис Лула.
По оваа кратка изјава, шефот на кабинетот на Болсонаро рече дека ќе започне „процесот на транзиција“ на власта.
Некои од поддржувачите на Болсонаро одбиваат да ги признаат резултатите и поставија блокади низ целата земја.
Полицијата соопшти дека досега отстранила повеќе од 300 барикади, но останале 267.
Десетици летови во и надвор од меѓународниот аеродром во Сао Паоло мораа да бидат откажани откако демонстрантите го блокираа клучниот пристапен пат.
На основа на 100 отсто преброени гласови, поранешниот претседател на Бразил, левичарот Луис Инасио Лула да Силва, победи на претседателските избори во неделата со 50,9 отсто од гласовите, додека Болсонаро доби 49,1 отсто поддршка од гласачите.