Болт му пресуди на Солскјер: Го сакав Конте, Роналдо треба да прави се сам

од Vladimir Zorba
332 прегледи

ЛЕГЕНДАРНИОТ рекордер во спринт, Усеин Болт цел живот е голем навивач на Манчестер Јунајтед, па дури и тренираше на „Олд Трафорд“ за да започне фудбалска кариера по завршувањето со атлетиката.

Тој не се покажа како фудбалер, ниту во Јунајтед, ниту во другите клубови кои го „играа“ поради маркетиншки причини, но остана навивач во спортот и сега зборуваше на тема неговиот омилен клуб, несреќен што не успеале да го донесат Антонио Конте за тренер.

„Го сакав Конте. Тој ќе биде одличен во Спарс, одлично ќе ги организира“, изјави Болт за The National News.

Италијанскиот стручњак беше поврзуван со Јунајтед од медиумите по евентуалниот отказ на Оле Гунар Солскјер, но Норвежанецот се уште е во Манчестер и Конте ја прифати понудата на Тотенхем.

„Беше во Челси, ја освои титулата. Беше во Интер, ја освои титулата. Беше во Јувентус, освојуваше титули. Каде и да оди, одлично го структурира клубот. Веројатно ќе купи еден или двајца играчи во јануари, а на крајот на сезоната веројатно ќе ги најде вистинските засилувања и ќе ги доведе“, смета „молњата“ од Јамајка.

Болт во никој случај не е задоволен од играта и резултатите на Јунајтед и шестото место на табелата во Премиер лигата откако клубот ги донесе Кристијано Роналдо, Џејдон Санчо и Рафаел Варан. Тој смета дека Солскјер не може да го извлече најдоброто од тимот и дека може да му се заблагодари на Роналдо за речиси сите негови успеси.

„Се мачиме, Кристијано не спасува на секој натпревар, тој мора да прави се сам. Не сме играле добар фудбал долго време. Играме премногу опуштено, додаваме премногу бавно. Кога Алекс Фергусон беше менаџер, моравме да победуваме затоа што тој бараше победи“, рече Болт, кој е единаесеткратен светски и осумкратен олимписки шампион и светски рекордер на 100 и 200 метри.

Слични содржини