Џон Болтон, поранешниот советник за национална безбедност на Доналд Трамп, поранешниот претседател на САД, предложи Турција да биде исфрлена од НАТО доколку не ги прекине блиските контакти со Русија!
Болтон, кој беше запаметен по неговите конзервативни и прагматични ставови за време на неговиот мандат во Белата куќа, исто така ги критикуваше Германија и Франција за недостатокот на конкретна помош за Украина, повикувајќи на единство на Западот против Русија.
Одлучувачка година
Во авторски текст за британски Телеграф, Болтон предупреди дека слабоста во НАТО може да доведе до победа на Русија во конфликтот кој сè уште беснее во Украина, наведувајќи дека 2023 година ќе биде „одлучувачка година за Западот да ја докаже силата на својата решителност“.
– Вистинскиот проблем е западното единство и одлучност. Ништо од тоа не е загарантирано – рече Болтон посочувајќи на фрактурите во НАТО блокот почнувајќи од Турција.
-Ако турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган биде реизбран подоцна оваа година – за што Болтон тврди дека најверојатно ќе се случи со измама – членството на земјата во НАТО треба да биде доведено во прашање, тврди Болтон, жалејќи се дека Русија е економски и воен партнер на многу земји, вклучително и Турција.
Откако руските војници влегоа во Украина во февруари минатата година, официјална Анкара одби да воведе санкции кон Москва. Иако Турција ја има втората по големина војска од која било членка на НАТО, нејзината воена помош за Киев е многу ограничена во споредба со помошта во вредност од 100 милијарди долари што Украина ја доби од остатокот на Алијансата. Турција задржа неутрална позиција и се обидува да посредува преку дипломатски канали за прекин на конфликтот.
Болтон ја критикуваше и Германија, чиј канцелар Олаф Шолц вети голема ревизија на надворешната политика на Берлин откако дојде на власт минатата година.
Болтон немаше многу убави зборови ниту за Франција. Тој го критикуваше претседателот Емануел Макрон дека размислува за дипломатски чекори за ставање крај на борбите во Украина.
-Тој ја повторуваше позицијата на Кремљ за загриженоста на Москва за проширувањето на НАТО кон исток“, рече Болтон, кој инсистира на тоа дека Алијансата е одбранбен сојуз.