Меѓу играчите на Манчестер Јунајтед има поддржувачи на идејата англискиот селектор Герет Саутгејт да го замени менаџерот Ерик тен Хаг по крајот на сезоната, пренесува британскиот таблоид „Мирор“.
Позицијата на Тен Хаг останува неизвесна по лошата сезона на „црвените ѓаволи“ и доаѓањето на новиот косопственик Сер Џим Ретклиф, кој ќе ја преземе контролата врз сите спортски одлуки на „Олд Трафорд“.
Во медиумите често се споменуваат различни имиња за наследникот на Холанѓанецот, а едно од нив е и она на Герет Саутгејт, кој најверојатно ќе ги напушти „Трите лава“ по завршувањето на ЕП 2024 летово.
Неколку играчи на Манчестер Јунајтед ја поздравија идејата Саутгејт да биде нов менаџер, а изданието мисли на англиските репрезентативци Маркус Рашфорд, Лук Шо и Хари Мегваер.