НБА лигата има намера да се прошири на европско тло со создавање на ново натпреварување кое би започнало можеби следната сезона.
Пред два дена каталонскиот „Мундо Депортиво“ објави дека Евролигата е во тешка ситуација и дека клубовите се се поблиску до свртување кон натпреварувањата на ФИБА.
Шпанска „Марка“ уште повеќе го вжешти огнот. „Марка“ тврди дека Американците во соработка со ФИБА се движат кон создавање на НБА Европа. Со создавање на тоа натпреварување, Евролигата практично би заминала во историја.
Ако сето тоа се оствари, тоа не би значело дека европските тимови ќе се натпреваруваат со НБА-лигашите. Планот на Американците е тоа да биде целосно ново натпреварување со исклучиво европски клубови.
По НБА лигата, женската WNBA лига, развојната G-лига и НБА-Африка, НБА-Европа ќе биде петтото натпреварување под покровителство на НБА организацијата, овојпат со помош на ФИБА и со согласност на националните кошаркарски федерации.
Евролигашките клубови генерално се незадоволни од работата на Џорџо Бертомеу и секоја година има нови полемики за тоа како треба да изгледа натпреварување како Евролигата.
Првиот човек на НБА лигата, Адам Силвер, веќе испратил писмо до Бертомеу во седиштето на Евролигата, во кое ја истакнува својата намера да создаде своевидна европска дивизија во која би играле некои од најдобрите европски клубови.
Исходот од ситуацијата се чека во наредните денови.