Различни компоненти од европските производители се вградени во иранските беспилотни летала што Русија ги користи во нападите врз Украина, се вели во таен документ што Киев го испратил до западните сојузници со барање за испорака на ракети со долг дострел за напади на производствени локации во Русија, Иран и Сирија.
Во документот од 47 страници што украинската влада го доставила до владите на Г7 во август, Киев тврди дека во претходните три месеци имало повеќе од 600 напади од руски беспилотни летала (UAVs) кои содржат западна технологија, пренесува лондонски Гардијан.
Според извештајот до кој дошол Гардијан, 52 електрични компоненти произведени од западни компании биле пронајдени во дронот Шахед-131 и 57 компоненти во моделот Шахед-136, кој има опсег на лет од 2.000 километри и брзина од 180 километри на час.
Пет европски компании, вклучително и полска подружница на британска мултинационална компанија, биле именувани како оригинални производители на идентификуваните компоненти.
„Меѓу производителите има компании со седиште во земјите од коалицијата што воведоа санкции кон Русија: САД, Швајцарија, Холандија, Германија, Канада, Јапонија и Полска“, се наведува во документот.