Во Германија нема многу остри реакции откако неделникот „Шпигел“ и јавниот радиодифузен сервис ЗДФ во саботата објавија голема истражување, според кое сите траги од нападот на гасоводите „Северен тек“ водат кон Украина. Волф Видман-Шмит од тимот истражувачки новинари дури има впечаток дека политичките лидери во Берлин ја избегнуваат оваа тема.
„Се разбира, тие не можат само да одмавнат со раката за сериозното злосторство, но не можеа да престанат да ѝ помагаат на Украина во војната против Русија. Тоа не е опција“, вели Видман-Шмит за „Дојче веле“. „Значи, овде во Берлин сите помалку или повеќе го избегнуваат прашањето какви се последиците“, додава новинарот.
Сè укажува на украински „командоси“
Детонациите на двата крака на „Северен тек“ во септември минатата година практично ја прекинаа секоја можност Германија директно да добие евтин руски гас. Ударот на гасоводот се случи во близина на данскиот остров Борнхолм во Балтичкото Море.
Според извештајот на „Шпигел“ и ЗДФ, германските истражители имаат дебело досие во кое сите докази укажуваат на украински „командоси“. На пример, податоците како што се IP адресите покажуваат дека напаѓачите биле во Украина и пред и по нападот.
Веќе подолго време е познато дека диверзантите очигледно користеле јахта која ја изнајмиле со фалсификувани пасоши. Отпловиле на отворено море од Росток.
Според „Шпигел“, сега секоја трага води само до Украина. Инспекторите, меѓутоа, ја проверуваат и можноста дека се работи за руска операција изведена на начин да им се припише на Украинците.
„Се разбира дека ги следиме таквите траги, но засега немаме докази за нив“, изјави државниот правобранител Ларс Оте за „Шпигел“.
Ги игнорирале предупредувањата
Сепак, малку е веројатно дека диверзантите се обични граѓани на Украина кои работеле сами. Како што пишува „Шпигел“ од меѓународните разузнавачки кругови, идејата на Киев била да го прекине главниот извор на приход на Русија и „нејзиниот најважен инструмент за уцена“ на германската влада.
Додуша, тоа што трагите водат кон Украина не мора да значи дека ќе одведат до врвот на владата во Киев.
„Дури би рекол дека експертите за разузнавање и безбедност сметаат дека е многу малку веројатно дека украинскиот претседател Зеленски знаел за акцијата“, вели новинарот Волф Видман-Шмит.
За Берлин е пикантно што информациите за нападот на „Северен тек“ соодветствуваат токму на она што американската ЦИА и холандските тајни служби го предупредуваа три месеци пред нападот. Тоа не ги вознемири германските тајни служби бидејќи првичниот наводен рок за диверзија веќе беше поминат.
„Вашингтон пост“ уште во јуни минатата година напиша дека ЦИА има предупредувања од „европска тајна служба“. Подоцна медиумите ја спомнаа Холандија и дека мозокот на операцијата бил украинскиот генерал Валери Залужни.
Како што сега откриваат „Шпигел“ и ЗДФ, разузнавачките служби зборувале и за планиран напад на Турски тек под Црното Море. Тој гасовод води до Турција, а потоа кон Србија и другите балкански земји. Нејасно е зошто не се спроведени плановите за таа диверзија.
Канцеларот молчи
Германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер верува дека на крајот ќе бидат покренати обвиненија против саботерите.
„Се надевам дека државниот правобранител ќе најде доволно докази за да ги обвини сторителите“, изјави таа за „Шпигел“. „Мораме да судиме за такви злосторства“.
Сепак, како што пишува ЗДФ, Германија не може да спроведе истрага во Украина.
„Федералната влада досега се воздржуваше од барање правна помош од Украина бидејќи германските истражители потоа ќе мораа да го споделат она што го знаат со Украинците“, се наведува во текстот, додавајќи: „Берлин не му верува на Киев“.
Во него се вели и дека канцеларот Олаф Шолц засега не зазема став и дека неговиот кабинет само им кажува на новинарите дека истрагата е во тек и дека треба да се чека исходот.
„Но, како што се повеќе и повеќе индиции водат до Украина, според истражителите, така се зголемува притисокот да се заземе официјална позиција“, пишува ЗДФ, „дури и ако сторителите никогаш не завршат пред германски суд“.
До денес не е започната работа на евентуална поправка на „Северен тек“. Според експертите, доколку се чека предолго, цевките ќе кородираат поради солената вода и целиот гасовод ќе заврши во старо железо.