Основниот кривичен суд Скопје, денеска ( 16.02.2024 год. ) на јавна расправа, ја објави пресудата за кривичниот предмет со К.бр. 2799/20, во јавноста познат како „Друмарина“, против обвинетата Силвана Бонева за кривичното дело Измама во службата од чл. 355 ст. 3 вв ст.1 вв чл. 45 од КЗ со која обвинетата ја ослободи од обвинение.
Според првостепната, неправосилна, пресуда судот утврди дека Јавниот обвинител, надвор од разумно сомнение, не го докажа делото кое и се става на товар на обвинетата, а во однос на оштетното побарување на РСМ, застапникот го упати на спор.
Воедно судот, постапувајќи по службена должност, а по сила на законот, донесе решение со кое се укинува времената мерка – Забрана за отуѓување и ставање под хипотека на недвижен имот на име на обвинетата и нејзиното семејство.
Против првостепената пресуда и решението, странките имаат право на жалба во рок од 15 дена по прием на пресудата и 3 дена по прием на решението, преку овој суд до Апелациониот суд Скопје.
Во обвинението стоеше дека обвинетата во периодот од 01.01.2011 до 16.12.2015 година, како службено лице – пратеник во Собранието на Република Македонија, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, сторила повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело, притоа искористувајќи ист траен однос и прилики. Имено, таа до службите во Собранието поднесувала лажни фискални сметки од патарини, како да остварила 904 патувања заради присуство на седници во наведениот период, со што го довела во заблуда овластеното лице во Собранието да изврши незаконита исплата на средства за патни трошоци во значителен вкупен износ од 6.458.551 денари.
Од почетокот на 2011 година обвинетата имала сместување – станови во Скопје и не патувала за присуство на секоја седница на Собранието на релација од Струмица до Скопје и обратно, а лажните фискални сметки биле обезбедени од други лица кои патувале. Потоа обвинетата овие фискални сметки ги приложувала кон налозите за службени патувања.