Борба за права или ден на жената: „Ниту една влада досега ја нема сфатено сериозно потребата од родова еднаквост“

од Nikola Popovski
337 прегледи

Ширум светот денеска се одбележува Меѓународниот ден на жената, како дел од борбата за економска, политичка и социјална еднаквост на жените и мажите. Денот на жената за прв пат беше одбележан на 28 февруари 1909 година во САД со декларацијата која ја донесе Социјалистичката партија на Америка. На многумина денот на жените им изгледа старомодно, но ако ја погледнеме вистината во очите ќе видиме дека сè уште се на првиот чекор. Можеме да видиме примери при вработувањето на жените, кога се соочуваат со прашањето на работодавачот „дали планираат да раѓаат деца“. Нивните машки колеги имаат поголема плата и само мал број жени го обработуваат својот целосен работен век век. За насилството врз жените и да не зборуваме. И денес се поставува прашањето за женската положба и еднаквоста.

Драгана Дрндаревска која е дел од Управниот одбор на невладината организација „ХЕРА“ во разговор за „Локално“ вели дека во земјава не можеме да зборуваме за уназадување на правата на жените.

Драгана Дрндаревска

-Ако гледаме историски, континуирано имаме унапредување на правата на жените, ако зборуваме од почетоците на феминистичката борба од почетокот на минатиот век до ден денес. Она што во нашиот локален концепт е проблем што не гледаме значајно унапредување. Имаме големи унапредувања на законската рамка, политиките на МТСП, чекаме нов унапреден Закон за родова еднаквост, измените на Кривичниот законик…на хартија имаме многу убав напредок, но ништо од тоа не го чувствуваат жените во секојдневниот живот. Зборуваме за мерки и политики кои што не се спроведуваат, ниту институциите имаат намера или капацитет да ги спроведат. Оттука зборуваме повеќе за статус-кво, порачува Дрндаревска.

Соговорничката истакнува дека имаме развиено различни политики и има индикатори кои треба да се следат и кои што треба да зборуваат за тоа каков напредок треба да имаме во иднината.

-Во однос на политичарите, мислам дека ниту една влада досега ја нема сфатено сериозно потребата од родова еднаквост. За да се сфати нешто сериозно, треба да се формираат институции и кадри кои решително ќе работат на тоа и да се мониторираат состојбите. Деклараторни заложби за унапредување на родовата еднаквост сме имале, иако со претходната власт го немавме ни тоа. Нашата забелешка до сегашната власт е дека нема доследно спроведување на политиките. Можам да кажам дека МТСП спроведува и е некаква институција која што е носител на борбата, но проблематично е што секој ресор треба да се грижи за родовата еднаквост и да спроведува активни политики за унапредување во областа која што работи. Што се случува во здравството? Имаме жена што ни почина на киретажа, имаме родилка на која и извадија три органи, а докторот доби условна казна и не му е одземена лиценцата за работа. Тука не зборуваме за општество во кое жените можат да се чувствуваат безбедни, почитувани и рамноправни. Имаме нов и прекрасен закон, но повторно имаме полиција која не реагира соодветно. Повторно имаме полиција која ја прашуваше девојката со таксистот што барала во 4 часот по полноќ и што носела? Имаме други случаи на родово насилство во семејства што жените со години го трпат и не го пријавуваат бидејќи не веруваат дека некој ќе им помогне, ни рече Дрндаревска и додава:

-Со исклучок на работничките од јавната администрација и некои други попривилегирани сектори, каква е состојбата во фабриките и со текстилните работнички? Каков е тој што суд при што неисплаќање на плати, не пресудува во корист на работничките? Тоа се преморени жени и работат во лоши услови. Дома кога ќе дојдат, ги чека уште една смена – готват, чистат, се грижат за децата заради тоа што немаат поддршка од страна на мажите. Жените се слугинки во домовите – тоа не е еднакво и рамноправно општество и покрај сите мерки и политики што се промовираат, а да не зборуваме за маргинализирање на одредени групи жени, оценува членката на ХЕРА.

Во однос на тоа колку сме далеку во однос на правата на жените и родовата еднаквост од европските земји и европското семејство кон кое целиме, Дрндаревска информира дека индикаторите за родова еднаквост се многу подобри.

-Се уште имаме жени што е неактивно население. Тука имаме голем родов јаз, а доколку го видите образованието ќе видите дека жените и мажите речиси подеднакво, дури малку и повеќе жените завршуваат високо образование. Тоа значи дека имаат родови бариери за да се вклучат на пазарот на трудот. Немаат можност да ги користат бенефитите на своето образование, како и мажите, потенцира соговорничката.

На прашањето дали букет цвеќе и вечера од саканата личност или марш за правата на жените со „соборците“, таа е дедицна дека најважна е борбата.

-Секако марш. Нашата клучна порака дека 8 март не е ден на мајката, приватните фирми да не нудат производи користејќи родови стереотипи за тоа како треба жената да изгледа, туку ова е ден во кој што треба сите здружено да излезат и да застапуваат за унапредување на своите права, ни рече Дрндаревска.

Д-р Ангела Илоска која е младински претставник и дел од управниот одбор на ХЕРА порачува дека женските права се човекови права и сите сме должни во целост да ги почитуваме, но за жал, во пракса редовно се занемаруваат и ограничуваат. Илоска за „Локално“ порачува дека секоја разлика, исклучување или ограничување во однос на полот, што има за последица или цел да го загрози или оневозможи признавањето, остварувањето или вршењето од страна на жените на човековите права и основните слободи на политичко, економско, општествено, културно и граѓанско и друго поле, без оглед на нивната брачна состојба, врз основа на рамноправност на жените и мажите, се дефинира како дискриминација врз жените.

Ангела Илоска

-Секојдневно се соочуваме со кршење на женските права во домот, во образовните институции, на работното место, во севкупниот општествен живот.

Жените во нашата држава се соочуваат со поголема стапка на кршење на работничките права, често се жртви на семејно насилство кое се занемарува од страна на институците, ограничени се и во пристапот на здравствена заштит и услуги, особено пристапот до гинеколошки услуги, пристап до безбеден и законски абортус и контрацепција. Жените се соочуваат со нерамноправност во пристапот кон еднакви шанси за работа и напредување на работното место, нерамноправност во наследување на имот и целокупна економска нерамноправност која произлегува во голем дел и од неплатената работа во домаќинството.

Треба да се воспостави сет на економски мерки за зголемување на можностите на жените во развиените, но и рурални средини. Неопходно е да се обезбедат ефективни мерки со кои ќе се препознае неплатениот труд на жените за грижа на семејството, за земјоделска работа и друга работа во домаќинстото, обезбедување на услови за остварување на правото на пензија и породилното отсуство, порачува соговорничката.

Според неа, родовата рамноправност како поим е за широк дел од популацијата непознат и потребно е да се работи на образување од најмлада возраст што значи истиот.

-8-ми март, за многумина е познат како денот на мајката, а тоа е потполно неточно. И мајките, секако припраѓаат во оваа категорија, но ова е ден кој има многу пошироко значење од тоа и им припаѓа на сите жени. Треба да се запомни дека овој ден ја однележува борбата на жените за правото на гласање, правото на образование, телесен интегритет и автономија, право за вршење на јавни функции, право за склучување на правни договори, обезбедување еднакви права во семејството, еднаквост на платите, право на сопственост и право на размножување.

Овој ден е само потсетник на макотрпната борба која постоела и сеуште постои во обезбедување на овие права и приближување на свесноста за дискриминацијата на жените во секое поле, а реализацијата и обезбедувањето на човековите права и слободи треба да се практикува секојдневно, истакнува Илоска.

Децидна е дека во однос на правата на жените и родовата еднаквост од европските земји и европското семејство кон кое целиме, Македонија значително уназадува.

-Најголемите разлики се забележуваат во следното: Во нашата држава сеуште се бележи значително помало учество на жените на пазарот на труд, во споредба со развиените европски земји. Имено, само 34, 6 отсто од работоспособните жени се вработени, само 9,7 проценти се невработени, а дури 55,7 отсто се неактивни. Како главни причини за неактивноста, наведени се обврските во домаќинството, отсуство на вештини и квалификации за работа и за најголем дел- причината лежи во недостатокот на флексибилни работни можности и немањето капацитети кои нудат грижа за децата.

Следна разлика е во однос на надоместокот за работа. Во Република Северна Македонија се уште владее трендот на помало надоместување на жените во однос на мажите за иста работна позиција. Имено, жена со исти работни карактеристики како маж заработува 17,9 проценти помалку и воедно има и помала шанса да биде унапредена до раководна позиција, иако ги поседува истите квалитети како и маж со еквивалентно образование и искуство.

За крај, жените во руралните средини на нашата држава се соочуваат со многу поголеми предизвици од жените во рурални средини во развиените држави. Во недостаток сме на мерки за унапредување на оваа популација на жени во однос на образование, пристап до ресурси, наследување на имот и слично, ни рече Илоска.

На прашањето дали денес е потребно букет цвеќе и вечера од саканата личност или марш за правата на жените со „соборците“, докторката истакнува дека не треба да се бира меѓу едното и другото.

-И двете. Најважно е цвеќето и другите подароци да се подарени со искрени намери и од луѓе кои ја почитуваат борбата за родова рамноправност и се залагаат за подобрување на позицијата на жената во семејниот и општествениот живот. Маршот за правата на жените симболизира обединетост, потсетување на минатото, набљудување на сегашноста и предизвиците кои произлегуваат од неа и поглед кон иднина и надминување на нерамноправноста. Маршот ги слави досегашните достигнувања во ова поле, но и служи да го охрабри општеството за поголема свесност за овие прашања. Ниедна жена не е слободна, додека сите жени не се слободни во донесување на самостојни одлуки и обезбеден пристап до еднакви можности. Токму затоа, ги поканувам сите поборници за човекови права да изразат поддршка и да ни се придружат на марш, апелира Илоска.

Н.П.

Слични содржини