Борел: Длабоко сум загрижен за тензиите во БиХ

од Vladimir Zorba
282 прегледи

Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жосеп Борел, денеска изјави дека е длабоко загрижен за тензиите во Босна и Херцеговина и апелираше до тамошните лидери да избегнат распад на таа балканска земја.

„Ситуацијата во БиХ е позагрижувачка од кога било. Никогаш не било лесно, но сега центрифугалните тенденции се навистина многу загрижувачки“, рече Борел на безбедносната конференција во Минхен, пренесе АП.

Минатиот месец администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден најави нови санкции против српскиот член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик. САД го обвинија за „коруптивни активности“.

„Можам да ве уверам дека сме во близок контакт со САД, државниот секретар Ентони Блинкен и јас издадовме многу сериозно предупредување. Нема да прифатиме распаѓање и дезинтеграција на Босна и Херцеговина“, рече Борел.

Исто така апелираше на одговорноста на политичките водачи на БиХ.

„Апелирам на одговорноста на политичките лидери на Босна и Херцеговина да се избегне распаѓање на земјата“, рече високиот претставник на ЕУ за надворешни работи.

Слични содржини