Борел: ЕУ го губи кредибилитетот затоа што не му се спротивставува на Трамп

Тој го пофали пристапот на шпанскиот премиер Педро Санчез, најгласниот критичар на нападите на Трамп врз Иран во Европа

од Кристијан Димков
17 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/EU Debates

Поранешниот шеф на надворешната политика на ЕУ, Жозеф Борел, остро го критикуваше актуелното раководство на блокот, вклучувајќи ја поранешната шефица, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и неговата наследничка Каја Калас, за тоа што не го почитуваат меѓународното право во случајот со Иран.

Борел е најновиот од шпанските социјалистички сојузници на фон дер Лајен кој истакнува дека ЕУ не направила доволно за да го почитува меѓународното право по војната на САД против Иран, која е „нелегална и не е оправдана со непосредна закана, како што тврдат некои“.

Тој го пофали пристапот на шпанскиот премиер Педро Санчез, најгласниот критичар на нападите на Трамп врз Иран во Европа.

„Оваа војна е нелегална според меѓународното право. Ние ги трпиме последиците во однос на цените на енергенсите, додека (американскиот претседател Доналд) Трамп се фали дека е добро за САД затоа што се извозник на нафта“, изјави Борел, кој сега е претседател на Центарот за меѓународни работи со седиште во Барселона, за бриселскиот портал Политико.

Тој оцени дека фон дер Лајен „продолжила да ги надминува своите функции“ со зголемување на нејзиното вклучување во надворешната политика на ЕУ, критика што шефицата на Комисијата ја слушнала и од престолнините на ЕУ во последните денови.

„Таа е систематски пристрасна кон САД и Израел“, изјави шефот за надворешна политика на ЕУ за време на првиот мандат на фон дер Лајен, во писмени одговори за Политико.

Тој за својата наследничка, Каја Калас, изјави дека таа „треба да биде појасна во осудата на кршењата на меѓународното право, без оглед на тоа дали се извршени од Русија, Израел или САД“, бидејќи ЕУ губи кредибилитет кога селективно ги користи меѓународните норми.

Борел, исто така, повика на суспендирање на трговскиот договор потпишан од фон дер Лајен и Трамп бидејќи бил „неправеден од самиот почеток“.

Според него, договорот изгледа уште поедноставно во контекст на Стратегијата за национална безбедност на САД, заканите на Трамп кон Гренланд и Шпанија и во контекст на енергетската криза поради војната со Иран.

„Покрај тоа, Врховниот суд на САД ги прогласи царините за неуставни а не мислам дека новиот од 15 проценти е правно исправен“, рече Борел.

Во врска со ветото од Унгарија и Словачка и блокираните 90 милијарди евра за Украина, Борел изјави дека владите на двете земји „отворено го прекршиле принципот на искрена соработка што е дел од Договорот (за ЕУ)“.

„Тоа е прашање за судот. Другите 25 членки би можеле да обезбедат премостувачки заем додека не се одобри заемот од ЕУ“, рече Борел.

Слични содржини