Борел: ЕУ ја осудува воената операција на Азербејџан во Нагорно-Карабах и очекува итен прекин на непријателствата

од Radmila Tasevska
312 прегледи

Европската унија ја осудува воената операција на Азербејџан против ерменското население во Нагорно-Карабах и изразува жалење за жртвите и загубите на животи предизвикани од оваа ескалација, порача денеска високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жосеп Борел.

Во писмената изјава на Борел се наведува дека се нотирани информациите дека е постигнат договор за прекин на огнот и ЕУ очекува итен и целосен прекин на непријателствата и почитување на договорениот прекин на огнот.

– ЕУ го повикува Азербејџан да дозволи итен и непречен хуманитарен пристап до населението кое има потреба од помош, вклучително и преку целосно повторно отворање на Лачинскиот Коридор во согласност со одлуките на Меѓународниот суд на правдата од февруари и јули 2023 година. Хуманитарните работници треба да можат слободно да работат. ЕУ и нејзините земји членки се подготвени да обезбедат итна хуманитарна помош, се додава во изјаватта.

Борел натаму потенцира дека ЕУ ги повикува „Баку и Ерменците од Карабах итно да се вклучат во сеопфатен и транспарентен дијалог“.

– Азербејџан има одговорност да ги гарантира правата и безбедноста на Ерменците од Карабах, вклучувајќи го и нивното право да живеат во своите домови без заплашување и дискриминација. Присилно раселување на цивилното население преку воени или други средства ќе наиде на силен одговор од страна на ЕУ. ЕУ е подготвена да преземе соодветни активности во случај на натамошно влошување на ситуацијата, порачува високиот претставник на Унијата.

Во изјавата натаму се додава дека ЕУ ја реафирмира својата поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет и на Азербејџан и на Ерменија.

– Го повикуваме Азербејџан да ја потврди својата недвосмислена посветеност на територијалниот интегритет на Ерменија, во согласност со Декларацијата од Алмати од 1991 година. ЕУ е подготвена дополнително да ги поддржи демократски избраните власти на Ерменија во одржување на безбедноста и продолжувањето на демократските реформи во земјата. Мисијата на Европската Унија во Ерменија (ЕУМА) ќе продолжи да набљудува и да известува за безбедносната ситуација долж ерменската страна на меѓународната граница со Азербејџан, се нагласува во изјавата.

Борел посочува дека ЕУ повикува на продолжување на преговорите меѓу Ерменија и Азербејџан за сите нерешени прашања, во насока на склучувањето на мировен договор, и останува целосно посветена на оддршката на таквите преговори.

– Европската унија останува целосно посветена на олеснување на дијалогот меѓу страните, особено под покровителство на претседателот на Европскиот совет со поддршка на специјалниот претставник на ЕУ, со цел да се обезбеди долготраен мир во корист на сите луѓе во регионот, додава Борел во писмената изјава.

Слични содржини