Европската унија очекува Србија и Косово да не ги преместуваат своите амбасади во Израел од Тел Авив во Ерусалим, изјави Жозеп Борел, потпретседател на Европската комисија и шеф на дипломатијата на ЕУ.
Како што објави Н1, како одговор на прашање на пратеник, Борел изјави дека очекува и Србија и Косово „да постапат во согласност со заложбите на ЕУ“, но и во согласност со нивните европски аспирации.
„Долгогодишниот став на ЕУ е дека преговорите мора да најдат начин да се реши статусот на Ерусалим како идна престолнина на двете земји и дека аспирациите на двете страни мора да бидат исполнети“, рече тој, додавајќи дека „прашањето за Ерусалим е прашање на конечен статус“.
„Во согласност со резолуцијата 478 од Советот за безбедност на Обединетите нации од 1980 година, со која се повикуваат сите членки на ОН да ги преместат своите амбасади во Тел Авив, сите амбасади на ЕУ, како и Делегацијата на ЕУ во Израел, се наоѓаат во Тел Авив“, објасни тој.
Потсети дека и Косово и Србија ги идентификуваа интеграциите во ЕУ како нивен стратешки приоритет.
„ЕУ очекува дека и двете земјиа ќе постапат во согласност со оваа заложба“, рече шефот на дипломатијата на ЕУ, повторувајќи го ставот дека Србија се очекува постепено да ги усогласува законодавството и политиките кон трети земји во рамките на процесот на преговори за пристапување во ЕУ, со законодавството и политиките на ЕУ“.