Борел: ЕУ се соочува со огорченоста на муслиманските земји поради ставот кон Газа

од Stefanija Kuzmanovska
179 прегледи

Шефот на дипломатијата на Европската унија Жозеп Борел денеска предупреди дека Унијата се соочува со огорченоста на муслиманските земји поради нејзиниот став за настаните во Газа и обвинувања за двојни стандарди кон Газа и Украина.

Борел изрази загриженост дека различните ставови на земјите од Европа и Блискиот Исток може да доведат до недостаток на поддршка во Украина на Глобалниот југ, како и способноста на ЕУ да влијае и да инсистира на човековите права во меѓународните договори, пренесува „Ројтерс“.

Тој додаде дека Европската унија мора да покаже „повеќе емпатија“ кон палестинските цивилни жртви на војната меѓу Израел и Хамас.

За време на неговата турнеја на Блискиот Исток, Борел ги посети остатоците од кибуцот Бери, уништен на 7 октомври, како и Западниот Брег, Бахреин, Катар и Јордан.

Шефот на европската дипломатија откри дека добил индикации од разговорите со одредени министри на земјите од Блискиот Исток дека Украина нема да ја добие поддршката од тие земји на следното гласање на Обединетите нации. Како одговор на критиките, Борел посочи дека сите животи се подеднакво вредни и ја повика Европа да инсистира на хуманитарна пауза и доставување помош за жителите на Газа.

Како одговор на арапските барања за итен прекин на израелското бомбардирање на Газа, Борел ја повика ЕУ да започне разговори за резолуцијата меѓу двете земји и да покаже дека членките се грижат за спасување на животите на цивилите во Појасот Газа, пренесува „Танјуг“.

Слични содржини