Борел: Израел има право да се брани, но пропорционално

од Stefanija Kuzmanovska
309 прегледи

Министерот за надворешни работи на ЕУ, Жосеп Борел, го осуди ракетирањето на израелска територија од страна на Хамас и го поддржа правото на Израел да се брани „пропорционално и во согласност со меѓународното хуманитарно право“.

По вонредната видео-конференција на министерот за надворешни работи на ЕУ, свикана поради ескалација на насилството меѓу Израел и Палестинците, Борел истакна дека 26 од 27 земји-членки ја поддржуваат „општата позиција“ во контекст на кризата оценета како најтешка во Израел и окупираните палестински територии од 2014 година.

„Приоритет е непосреден прекин на насилството и престанок на воените активности со цел да се заштитат цивилите и да се овозможи испорака на хуманитарна помош до Газа“, рече Борел.

Тој додава дека насилството што се случува во Појасот Газа последните денови доведе до голем број цивилни жртви, вклучително и многу жени и деца, и нагласува дека тоа е неприфатливо.

„Израел и Палестина имаат право на безбедност и за тоа е потребно вистинско политичко решение“, наведува Борел, пренесе Танјуг.

Шефот на дипломатијата на ЕУ изјави дека покрај основниот приоритет, запирање на насилството, потребно е да се започне и со воспоставување на политички дијалог, враќање на довербата и „потенцијално започнување на мировен процес кој е блокиран подолго време“.

Борел посочи на засилен ангажман на ЕУ со цел да се запрат воените дејствија и да се врати на дијалогот и истакна дека на ова ќе се работи заедно со новата администрација во Вашингтон.

Слични содржини