Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, изјави дека денес Косово не било подготвено за трилатерална средба, поставувајќи три услови за нејзино одржување, додека Србија била подготвена за средбата, пренесуваат српските медиуми.
На прес-конференција по билатералните средби со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и премиерот на Косово, Албин Курти, Борел рече дека Курти побарал „формализација на основниот договор, отфрлање на писмото од поранешната премиерка на Србија, Ана Брнабиќ од декември минатата година, и предавање на Милан Радоичиќ на правосудните органи во Приштина.“
„Србија не беше подготвена целосно да ги исполни барањата на Косово, повикувајќи се на уставни ограничувања,“ рече Борел. Тој истакна дека улогата на ЕУ е да помогне и поддржи страните во процесот на дијалог и дека останува посветена на тоа.
„Процесот ќе продолжи. Ќе продолжиме да работиме на ова прашање. Следната недела ќе бидеме домаќини на двајцата главни преговарачи во Брисел за да ги продолжиме разговорите и да го унапредиме процесот,“ додаде Борел.
„Сè уште веруваме дека ова е во нивен интерес и во интерес на европските интеграции. Како Европска унија, подготвени сме да помогнеме на секој чекор од патот,“ изјави Борел, пренесе РТС.