Борел: Не можеме да ја спречиме изградбата на „Северен тек 2“

од Stefanija Kuzmanovska
233 прегледи

Европската комисија отсекогаш ја негираше важноста на гасоводот „Северен тек 2“ за ЕУ, но тоа е приватен проект што ЕК не може да го попречува, изјави шефот на европската дипломатија, Жосеп Борел.

„Ова е проект дизајниран од конзорциум на приватни компании. Комисијата постојано посочуваше дека овој гасовод не го диверзифицира снабдувањето со енергија на Унијата, што е една од целите на ЕУ, за што се залага во рамките на енергетската политика “, рече високиот претставник на ЕУ за надворешни работи, одговарајќи на прашања на членовите на Европскиот парламент.

Во таа прилика, пратениците побараа воведување дополнителни економски санкции кон Русија поради наводно кршење на човековите права и слободи во случајот со Алексеј Навални. Меѓу другото, тие повикаа на спречување на завршувањето на „Северен тек 2“.

Борел уште еднаш потенцираше дека станува збор за приватен проект „и ние не можеме да ги спречиме тие компании да го завршат, доколку германската влада го поддржи“.

„Меѓутоа, ако тие компании ја завршат изградбата на гасоводот, треба да знаат дека ќе мораат да управуваат со него во согласност со законите на ЕУ. Тоа е сè што можеме да сториме. Во секој случај, на ниво на ЕУ “, потенцира Борел.

Слични содржини