Претседателот на босанката Партија за демократски напредок (ПДП), Бранислав Бореновиќ, денеска изјавил дека добил потврда од високиот претставник на Европската унија (ЕУ) за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел дека Босна и Херцеговина се приклучила на санкциите на ЕУ против Русија.
„Борел одговори на моето прашање дали БиХ ја следи надворешната политика на ЕУ и дали БиХ се приклучи на рестриктивните мерки против Руската Федерација. Одговорот е многу јасен, Босна и Херцеговина се приклучи на санкциите на ЕУ против Русија“, рече Бореновиќ.
Бореновиќ, кој е и пратеник во Претставничкиот дом на Парламентот на БиХ, изјавил дека речиси една година не може да добие одговор на пратеничко прашање од Советот на министри, бидејќи тоа е блокирано од министрите од Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД), како што додаде, веројатно од „страв од вистината“, па поради таа причина му пишал на Борел.
„БиХ се приклучи на десетте пакети мерки против Русија, вклучително и повеќе од 50 одлуки, изјави и декларации за прашања кои се движат од економски санкции до санкции против поединци во текот на 2022 и 2023 година, освен во една изјава“, вели Бореновиќ.
Тој рекол и дека од одговорот на Борел и деталниот увид во нивните официјални документи што го добил, недвосмислено е јасно дека Србија останува единствената земја во Европа која не се приклучила на санкциите против Русија.
„Борел нема што да крие и многу отворено и јасно одговори на моето прашање, што за жал не можев да го добијам од домашните институции“, заклучи лидерот на ПДП.
Според него, имајќи предвид дека Претседателството на БиХ ја води надворешната политика, може слободно да се каже дека „таму каде што (поранешниот член на Претседателството на БиХ и актуелен претседател на РС Милорад) застанал Додик, (српски член на Претседателството на БиХ Жељка) Цвјановиќ продолжи, дека како орган за континуитет на ниво на Босна и Херцеговина, приклучете се кон санкциите против Русија“.
Коментирајќи ја изјавата на Бореновиќ, претседателот на РС, Милорад Додик изјавил дека „по долгиот и тежок зимски сон, Бранислав Бореновиќ, кој се разбудил оваа пролет, ја враќа старата лага и измама во јавниот простор, само за да зборува за нешто“.
Тој додадл дека Бореновиќ требало да го испрати прашањето за воведените санкции кон Русија до руското Министерство за надворешни работи, а не до Борел.
„Дали Бореновиќ не ја слушнал изјавата на рускиот амбасадор од пред неколку дена дека Босна и Херцеговина е на списокот пријателски земји на Русија“, изјавил Додик за агенцијата „Срна“.
Тој тврди дека ниту Претседателството на БиХ ниту Советот на министри никогаш не донеле одлука за санкции против Русија.