Високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел, оцени дека криза од библиски размери ќе ги погоди Европа и светот, како резултат на епидемијата од коронавирус, „а земјите во развој ќе ги загубат сите приходи, бидејќи се уриваат извозот, цените на нафтата и стоките, туризмот запре, исто како и дознаките од економските иселеници“.

Борел во интервју за шпанскиот весник „Вангуардија“ рече дека Европската унија мора да ја врати стратешката независност во клучните сектори на економијата и дека, поради тешката криза, мора итно да се согласи да се создаде фонд за обновување на европската економија затоа што, како што рече, сфатил „дека ѓаволот ја однел шегата“.
„Сè уште не сме свесни колкава криза нè чека“, предупреди Борел, велејќи дека „глобализацијата мора да биде преиспитана“, наведувајќи дека, до сега, се сметаше дека пазарот „секогаш се снабдува со потребната стока – секогаш и насекаде“.
„Но, кога станува збор за распаѓање и недостиг како сега, сфаќате дека 90% од антибиотиците се произведуваат во Кина, дека Европа не прави дури и грам парацетамол и нема резерви за да се справи со здравствените кризи“, додаде тој.
„Треба да се заштитиме себеси, да ја вратиме улогата на државата“, рече висок официјален претставник на ЕУ, „и подобро да управуваме со светските работи и воопшто не е точно она што велат националистите од сите бои дека секој може да се справи подобро самостојно“.
Борел рече дека е неопходно некои производи да се направат во Европа, да се произведат повеќе различни артикли со свој капацитет и да се врати вредноста на стратешката автономија.
И, како што истакна тој, „станува збор за градење безбедносни инструменти, намалување на зависноста и избегнување на другите држави да ја преземат контролата врз нашите основни бизниси“.
Запрашан од „Вангуардија“ дали тоа значи да се согласи со повикот на францускиот претседател Емануел Макрон за враќање на европската индустриска независност и да предложи национализација на деловните активности за да се спаси економијата од колапс, Борел рече дека „национализацијата или субвенционирањето може да бидат контроверзни услови“.
Но, тој забележува дека „државите треба да им дадат капитал на деловните субјекти за да избегнат дефект“, додавајќи дека Франција штотуку најави дека тоа ќе го стори со „Ер Франс“.
„Не смее никако да се дозволи падот на вредноста на компаниите на берзите да овозможи купување од страна на странски фирми … државите мора да се заштитат себеси и еден начин е да се инвестира во нивниот капитал, затоа што тоа е економска и политичка логика и разум“, заклучи Борел .
Високиот претставник за надворешни работи и безбедност на ЕУ рече дека лидерите на ЕУ сепак се согласиле заеднички да го финансираат враќањето на европската економија на поцврста нога и покрај епидемијата, иако сè уште има простор за договор и како илјадници милијарди евра ќе бидат поделени меѓу богатите и помалку богати членки на Унијата.
Тој рече дека „мора да се обезбедат пари за работа на бизнисите и плати, и тоа брзо, а се плашам дека механизмите на ЕУ се бавни“.