Со партнерите и сојузниците разговараме за актуелната ситуација на северот на Косово, која пред се бара деескалација и стабилизација на безбедносната ситуација. За ова прашање сме во близок и редовен контакт со САД, изјави за странските медиуми шефот на дипломатијата на ЕУ, Жосеп Борел, јави дописникот на МИА од Белград.
Борел истакна дека минатонеделното запленување на оружје и опрема кај група Срби било „многу сериозно“.
-Истовремено, трупањето на српската војска во близина на административната линија е многу загрижувачко и мора веднаш да се запре. На европскиот континент нема место за вооружување и трупање безбедносни сили. Силите треба да бидат веднаш повлечени, рече тој.
Шефот на европската дипломатија посочи дека се очекува казнување на сторителите на настаните во Бањска и порача дека „тие мора да се соочат со правдата“.
-Треба да се вратиме во ситуација кога двете страни разговараат и да се вратиме на Дијалогот со поддршка на ЕУ, која е единствената платформа за нормализација на нивните односи, заклучи Борел.