На денешен ден  29 мај 

елцин

1167.- Војската на здружените италијански градови Ломбардијска лига во битката кај Лењан им нанесе голем пораз на трупите на германскиот цар Фридрих Први Барбароса, кој по поразот покајнички се смири со папата и го презеде водењето на Третата крстоносна војна.

1453.- По долга опсада, турската војска го зазеде Константинопол, престолнина на некогаш моќната Византија. Некои историчари овој датум го сметаат како крај на средниот век. Оттогаш, па до крајот на Првата светска војна, поточно до 1923 година, Константинопол беше престолнина на Турција (кај Македонците вообичаен е називот Цариград). Во 1930 година го доби денешниот турски назив Истанбул. Од 1923 година главен град на Турција е Анкара, која до 1930 година го имаше називот Ангора.

1860.- Роден е Исак Албанис, шпански композитор и пијанист. Композициите му се инспирирани главно од шпанскиот фолклор. Најпознат му е циклусот за клавир „Иберија“. Умре на 18 мај 1909 година.

1874.- Роден е Гилберт Кид Честертон, англиски поет, раскажувач, есеист и новинар. Умре во Лондон, во 1936 година.

1879.- Во Охрид е роден Коста Абрашевиќ, пролетерски поет. Се школуваше во Охрид. По преселувањето на неговото семејство во Шабац го продолжи образованието и мошне млад почна да пишува песни. Во 1894 година се запознава со сооцијалистичките идеи на кои им останува приврзан до крајот на животот. Тој беше против општествените разлики, против силата и богатството. Во 1903 година, посмртно е објавена неговата збирка „Песни“. Пишуваше на српскохрватски јазик и е еден од најзначајните поети Македонци кои говореле на други јазици. Умре во Шабац, на 20 јануари 1898 година.

1894.- Роден е американскиот филмски режисер од австриско потекло Џозеф фон Петернберг, визуелен перфекционист, мајстор на светло и контрасти. Филмови: „Подземје“, „Синиот ангел“, „Мароко“, „Една американска трагедија“, „Шангај експрес“, „Црвената кралица“, „Шангајско подземје“, „Макао“.

1903.- На планината Голак, под врвот Чавките, Делчевско, во борба против турската војска загина Максим Ненов, дебарски војвода. Тука загина и подвојводата Димитар Стефанов од селото Јабланица, Струшко, со уште други 40 соборци. Максим Нонев е роден во село Тресонче.

1910.- Умре рускиот композитор, пијанист и диригент Милиј Алексиевич Балакриев, основач и идеен водач на компзиторската група, по него наречена Балакриев кружок или „Големата петорка“. Дела: симфониските песни „Русија“, „Тамара“, музика за „Кралот Лир“, клавирски композиции.

1914.- Во судар на двата патнички брода „Ирска царица“ и  „Сторстат“ на реката Сент Лоренс во Канада загинаа најмалку 1.012 лица.

1917.- Во Бруклин, предградие на Бостон, роден е Џон Кенеди, претседател на САД. По Втората светска војна служеше во морнарицата на Пацификот, а по војната беше новинар. Во 1947 година е избран во Конгресот, а во 1952 година стана сенатор. За претседател на САД е избран во 1960 година, а инаугуриран е на 20 јануари 1961 година. Беше најмлад претседател во историјата на САД. На 22 ноември 1963 година во Далас, во државата Тексас, врз него беше извршен атентат.

1923.- Во Сплит е родена Олга Спиридоновиќ, една од најпознатите театарски и филмски актерки во поранешна Југославија. За улогата во Мис Стон во истоимениот македонски филм и е доделена Златна арена на Пулскиот фестивал. Умре во Белград, на 15 мај 1994 година.

1927.- Во Битола е роден Димитрие Османли, македонски филмски, театарски и телевизиски режисер. На март 1952 година Османли стана првиот македонски дипломиран режисер, а со реализацијата на филмот „Мирно лето“ (1961 година) стана и првиот македонски режисер на игран филм, а воедно и автор на првата македонска ТВ драма „Домот на мојот татко“ и на првиот ТВ филм „ Враќање во рајот“. Османли беше прв декан на Факултетот за драмски уметности во Скопје и редовен професор. Се занимавше и со пишување на филмски и телевизиски сценарија, адаптации и драматизации на македонски литературни дела. За неговиот творечки опус има добиено бројни уметнички и општествени награди и признанија. Умре во Скопје на 13 март 2006 година.

1942.- Умре американскиот филмски и театарски актер Џон Баримор, познат по улогите на љубовник во времето на немиот филм. Филмови: „Ромео и Јулија“, „Д-р Џекил и мистер Хајд“, „Марија Антоанета“.

1943.- Американците ја поразија јапонската флота кај Алеутските Острови.

1953.- Едмонд Хилари и шерпасот Тенсинг Норкај први во историјата на човештвото се искачија на највисокиот врв на земјата, “покривот на светот” Монт Еверест, висок 8.848 метри.

1972.- Генерланиот секретар на Централаниот комитет на Комунистичката партија и претседател на Президиумот на Врховниот Совет на Советскиот Сојуз Леонид Брежњев и претседателот на САД Ричард Никсон во Москва го потпишаа документот „Основи за меѓусебни односи меѓу Советскиот Сојуз и САД“, со кој е отворена ерата на подобри односи меѓу тогашните велесили.

1979.- Умре американската филмска актерка од канадско потекло Мери Пикфорд, ѕвезда на немиот филм. Филмови: „Добриот мал ѓавол“, „Девојка од вчера“, „Една мала богата девојка“, „Малиот лорд Фонтелрој“, „Гаучо“, „Кокета“.

1982.- Во Париз умре Роми Шнајдер, австриска филмска артистка. Сними повеќе од 50 филмови , најмногу во Франција и во Италија. Најпознати и се улогите во филмовите “Сиси”, “Кардинал”, “Победници”, “Убиството на Троцки” и “Директна смрт”. Родена е во Виена, во 1938 година.

1985.- На стадионот „Хејсел“ во Брисел во нередите пред финалниот натпревар на европскиот Куп на шампиони меѓу италијанскиот првак Јувентус и англискиот Ливерпул загинаа 39, а повредени беа 400 луѓе, главно италијански навивачи.

1990.- За прв претседател на Русија е избран Борис Елцин.

1996.- Република Македонија во Хелсинки и формално пристапи кон Завршниот документ на Конференцијата за европска безбедност и соработка.

1996.- Во Будимпешта, Република Македонија е примена за рамноправна членка на Европската конференција за транспорт – ЦЕМТ.

1997.- Во Скопје е родена првата четворка во Македонија. Родители на четирите новородени деца (три женски и едно машко) се мајката Валентина и таткото Благојче Јордеви од Штип.

2004.- Како дело на британските и француските градежници се поврзани двата крака на највисокиот мост во светот, изграден над реката Тарн во Франција. Мостот е наречен Мијау, а коловозот над површината на реката е на височина од 270 метри.

2005.- Француските гласачи на референдум го одбија Предлог-уставот на Европската унија.

2006.- Повеќе од 50 талибански герилци се убиени во воздушниот напад кој силите на САД го извршија врз една џамија во јужната авганистанска област Хелманд. Меѓу загинатите беа и неколку водачи на талибанците.

2011.- На 80 години во Будимпешта почина поранешниот претседател на Унгарија, Ференц Мадел. Беше претседател на Унгарија од 2000 до 2005 година. Од 1987 година беше член на Академијата на науките, а од 1993 до 1994 година и министер за култура во Владата на Јожеф Антал./MIA

Слични содржини