Борисов: Бугарија останува доследна во поддршката на европската иднина на С.Македонија

од Vladimir Zorba
251 прегледи

Премиерите на С. Македонија и Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов, денеска телефонски разговарале за повеќе области на соработка меѓу двете земји,соопштија од Владата.

Во фокусот на разговорот бил Берлинскиот процес и заедничкото успешно претседавање кое е особено важно за зајакнување на регионалната соработка и интеграција на регионот во ЕУ, како и подготовките за претстојниот главен самит кој ќе се одржи во текот на ноември во Софија.

Двајцата премиери разговарале и за заедничката соработка во заштитата од пандемискиот вирус КОВИД-19, особено имајќи ги предвид искуствата на Бугарија во обезбедувањето заштитна опрема за стручниот персонал и за граѓаните.

Била потенцирана и определбата на премиерите, двете држави и граѓаните за целосно искористување на можностите кои постојат за унапредување на економската соработка.

Во телефонскиот разговор се дискутирало и за организација на скорешна посета на премиерот Заев на Бугарија, како и за заедничко охрабрување на работата на историските комисии за изнаоѓање заеднички решенија прифатливи за двете страни.

Борисов истакнал дека Бугарија останува доследна во поддршката на европската иднина на Северна Македонија, при што заедно со премиерот на С.Македонија изразиле увереност дека двете страни остануваат ангажирани во спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка.