По ставот на бугарскиот претседател Румен Радев околу најавите на новиот премиер Христијан Мицкоски дека не прифаќа уставни измени под бугарски диктат, со реакција се огласи и лидерот на ГЕРБ и победникот на последните избори кај нашиот источен сосед, Бојко Борисов.
Според него, договорите, без разлика дали се добри или лоши, „особено меѓународните кои се вткаени во преговарачката рамка на ЕУ, треба да се почитуваат“.
Како што објавија бугарските медиуми, Борисов е дециден дека и покрај добрите односи меѓу него и партнерите во ЕУ, договорите мора да се почитуваат.
-Какви било толкувања не се добри за колегите од Северна Македонија, смета Борисов, нагласувајќи дека доколку формира влада и стане старо-нов бугарски премиер, ќе иницира средба со Мицкоски.
-Без нашата и поддршката на Грција, РСМ немаат шанси за (влез во) ЕУ. Сега треба да бидат одговорни. Како што ја добија нашата поддршка, можат и да не сметаат на неа, категоричен бил лидерот на ГЕРБ.
Пред две недели, новиот македонски премиер одговораше на новинарско прашање дали во победникот на бугарските избори, ГЕРБ и Борисов гледа разумен политичар со кого би имале разговори за Договорот за пријателство и добрососедство. Мицкоски истакна дека државничките позиции се отежнати, но е убеден дека ќе преовладува разумот и ќе разговараат за иднина, а не за минато.
-Како ВМРО-ДПМНЕ, ултиматуми и диктати не прифаќаме. Грешката на се уште актуелната влада ги наруши преговарачките позиции, како и лековерноста на одреден дел политичари. Имаме разумен предлог како партија и се надевам ќе наидеме на разбирање и дека ќе го откочиме патот. Јас сум убеден дека Македонија во фуриозен стил ќе биде дел од европското семејство, кажа Мицкоски пред домашните медиуми.