Лидерот на ГЕРБ и поранешен премиер на Бугарија, Бојко Борисов е убеден дека актуелниот премиер, Кирил Петков не е во состојба да го реши билатералниот спор меѓу властите во Софија и Скопје.
Изјавата на Борисов беше по повод најновиот развој на билатералните односи и предлогот на француското претседателство доставен до собраниската Комисија за надворешна политика доцна во петокот.
„Ја гледате ли подлоста? Тој се обидува тајно да договори нешто што ќе излезе пред публика, гледате дека се случило, но не затоа што е лошо, туку парламентот одлучил. Не, до ден-денес јасно е дека Петков не може да придвижи ништо што е поврзано со Северна Македонија и Албанија напред“, рече Бојко Борисов.
Петков во петокот вечерта изјави дека „лично не го ни прочитал францускиот предлог“ и дека доколку нема одлука на парламентот, нема да донесе одлука за укинувањето на ветото за РСМ за почеток на преговорите за влез во ЕУ.