Борисов: „Рајнметал“ и Бугарија ќе ја прават „најголемата фабрика за барут“ во Европа

од desk2
52 прегледи

Германскиот оружен гигант „Рајнметал“ и Бугарија заеднички ќе градат две нови фабрики на бугарска територија – првата ќе биде фабрика за барут, која би била најголема во Европа, и ќе се гради во рамките на државниот воен комплекс „Сопот“, а втората ќе биде за артилериска муниција од НАТО-калибри. Можно е во иднина да се направи и заедничка фабрика за дронови.

Тоа во Дизелдорф денеска го објавија Армин Папергер, директор на „Рајнметал“, и претседателот на политичката партија ГЕРБ и трократен досегашен премиер на Бугарија, Бојко Борисов, јавија бугарските медиуми.

Истовремено во Софија, поранешниот командант на Воено-воздухопловните сили на Бугарија, бугарскиот претседател Румен Радев, се пофали дека тој ја договорил оваа инвестиција на „Рајнметал“ како „подарок за владата. Имплицитно, тој реагираше на потегот на Борисов, кој нема државна функција, но очигледно претходниот премиерски стаж му обезбедил отворени врати на некои места.

Борисов и Радев се долготрајни политички непријатели. Острите конфронтации почнаа со претседателската кампања во 2016 година, кога Радев, како независен кандидат, но со поддршка на Социјалистичката партија, ја победи противкандидатката Цецка Цачева од ГЕРБ, за која Борисов постојано зборуваше дека е фаворит за изборите. Но Радев ја победи Цачева и го освои својот прв мандат. Во моментов тој е во вториот претседателски мандат. За целото време, Радев беше еден од најострите критичари на владите предводени од ГЕРБ.

А и Радев ќе оди во официјална посета на Германија оваа седмица.

Борисов од Дизелдорф објасни дека бугарскиот дел од инвестицијата ќе изнесува една милијарда евра, а парите за тоа во Софија ќе пристигнат од европскиот механизам SAFE со кои Брисел финансира заеднички проекти во сферата на одбраната.

Слични содржини