Бугарскиот премиер Бојко Борисов со објава на Фејсбук ја одбележа годишнината од раѓањето на Гоце Делчев.
„Денес се навршуваат 149 години од раѓањето на Гоце Делчев – Дуке, член на македонско-одринско револуционерно ослободително движење, меѓу нашите најистакнати заеднички историски херои“, напиша Борисов на социјалните мрежи.
„Се надевам дека имаме мудрост следната година, заедно со нашите пријатели и браќа од Северна Македонија, да ја прославиме својата 150-годишнина, обединети и заедно на патот кон европската интеграција“, рече премиерот.
Премиерот Зоран Заев на својот фесјбук-профил напиша дека денеска, 4 февруари, се потсетуваме на историскиот придонес на Делчев во создавањето на македонската државност.
„Како инспиратор и двигател на македонската револуционерна организација, Гоце Делчев секогаш повикуваше на единство и сплотеност во политичките предизвици пред кои е исправена земјата од сите општествени чинители и граѓани, без разлика на нивната верска, етничка или политичка припадност. Идеалите и заложбите на овој великан, како што се наведува, се наша заедничка обврска да продолжиме да ја градиме државата како демократска и економски напредна земја, која денеска е дел од најмоќниот воено-безбедносен сојуз НАТО и земја која чекори кон членство во ЕУ“, објави Заев.
Шефот на државата, Стево Пендаровски, исто преку социјалните мрежи потсети дека Делчев е еден од темелите на нашата државност и симбол на борбата за слобода на македонскиот народ.
Со порака на Фесјбук, се обрати и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој вели дека делото на Делчев отсекогаш претставувало инспирација на македонскиот патриотизам во борбата за создавање на независна македонска држава.