„Кога Бугарија е обединета, можеме да постигнеме резултати“, напиша претседателот на ГЕРБ и екс-премиер Бојко Борисов на Фејсбук откако стана јасно дека е усвоен годишниот извештај на Европскиот парламент за напредокот на Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ, но, без термините македонски јазик и идентитет.
Борисов порачува дека „тоа е јасен знак дека кога Бугарија е обединета – кога сите наши европратеници, институции и политички сили дејствуваат заедно, можеме да постигнеме резултати и да го браниме националниот интерес на највисоко ниво во Европа“.
„Повторно им подавам рака на нашите пријатели во Северна Македонија – да продолжиме напред заедно, врз основа на почитување и спроведување на Договорот за пријателство и добрососедство. И европскиот консензус од 2022 година. Во мое лице и во лицето на Бугарија, тие секогаш ќе имаат искрен и близок партнер“, напиша лидерот на ГЕРБ.
Наведува дека во последните недели, имал голем број разговори со европски лидери и претставници на водечки политички семејства во ЕУ.
„Јасно ставив до знаење дека европските институции и нивните документи не треба да се користат за националистичка пропаганда, туку треба да служат на вистината и добрососедството. Драго ми е што гласот на Бугарија беше слушнат“, истакна Борисов.
Тој му се заблагодари на европратеникот Андреј Ковачев „за неговата неуморна работа“ и на „нашето семејство“ – Европската народна партија за нивната поддршка и доверба.