Не е тајна дека речиси сите најдобри клубови во Европа го посакуваат феноменалниот норвешки напаѓач Ерлинг Халанд. Реал Мадрид многу долго флертува со младиот напаѓач на Дортмунд, а планот на Флорентино Перез е да состави пеколен напад на кралевите – Халанд и Мбапе.
Но, нешто се прашува и Борусија. Тимот од Дортмунд нема намера да ја продаде својата прва ѕвезда, која може да замине на лето за 75 милиони евра.
Згора на тоа, Борусија е очајна да го задржи и да му понуди договор кој тешко дека ќе може да го одбие. „Билд“ пишува дека Борусија е подготвена да му даде двојно поголема плата на Халанд.
Иако може да оди на лето за обештетување од 75 милиони евра, Борусија Дортмунд по секоја цена сака да го задржи.
Халанд сега заработува осум милиони евра годишно, а доколку ја прифати оваа понуда би станал најплатениот фудбалер во историјата на клубот. Засега тоа е Марко Ројс кој моментално заработува околу 12 милиони евра.
Секако, ова е финансиски тежок потег, а „Билд“ пишува дека управата на Борусија има план како да собере пари. „Пума“ е спонзор на Борусија и тие се подготвени да ги зголемат придобивките за Норвежанецот да остане во клубот.
Извршниот директор на Дортмунд, Хан-Јоаким Ватцке сака Халанд да остане, но знае дека ќе биде многу тешко да се реализира.
„Веруваме дека за Халанд, уште една година во Борусија би била одлична за неговиот развој, но ако сака да продолжи со кариерата на друго место, ќе имаме разбирање“, рече тој.