Рускиот амбасадор во Босна и Херцеговина (БиХ), Игор Калабухов по средбата со членот на Претседателството, Милорад Додик изјави дека земјата има право да одлучи дали сака да биде членка на НАТО, но и предупреди дека Русија го задржува правото да реагира на таква можност во согласност со нејзините интереси.
-Ако Босна и Херцеговина одлучи да биде членка на што било, тоа е внатрешна работа. Но друга работа е нашата реакција. По примерот на Украина ние покажавме што очекуваме. Ако има закани, ние ќе реагираме, рече Калабухов.
Тој, исто така, рече дека всушност Западот е тој кој претставува закана за безбедноста на Босна и Херцеговина преку тврдењата дека Русија наводно подготвува некој план.
Професорот и социолог од БиХ, Есад Бајтал за „Локално“ вели „ваквите дипломатски бесмилици според Виенската конвенција за дипломатски односи претставуваат закана, а во цивилизациска и културна смисла примитивизам, кој очигледно смета на стравот што граѓаните на БиХ го добиваат од сликите од Украина, а во согласност со агресијата и искуството што Босна го преживеа во 1990-тите.
-Правно гледано, според членот 9 од споменатата Виенска конвенција, БиХ има право да го прогласи предметниот Калабухов за персона нон грата, „без обврска да ја оправда својата одлука“. Да имав моќ, би го направил тоа Особено што Душанка Мајкиќ, членка на Државниот дом на народите и членка на владејачката политичка партија на Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД) на прорускиот политичар Милорад Додик, неодамна на Твитер се закани на истиот груб и крајно недипломатски начин. Таа напиша: „Да потсетиме, Москва во март 2021 година рече дека ќе реагира доколку БиХ преземе чекори за влез во НАТО. Не велете подоцна дека не сте знаеле, вели тој.
Тешко е да се каже дали овие две закани се координирани или не, но нема сомнеж дека нивната содржина е идентична, дипломатски неурамнотежена и крајно примитивна во човечка и цивилизациска смисла, оценува Бајтал.
Според професорот, сосема е јасно дека Путин има намера за „украинско сценарио“ во БиХ, но не е сигурен дали ќе се осмели да направи такво нешто.
-Се разбира, босанските власти и политичко-дипломатските структури на ЕУ мора да сметаат на најлошите можни можности и да направат се што е потребно за да не се случи тоа. Се надевам дека по агресијата на Путин врз Украина и нескриената проруска ориентација на Додик, Брисел и ЕУ конечно разбраа со кого си имаат работа овде. Конечно, белградските власти, кои отворено стојат на страната на Русија, и покрај вербалното, декларативно признавање на територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина, никогаш јасно и недвосмислено не ја осудиле деструктивната, антибосанска политика на Додик, која тој упорно, јавно или софистицирано ја спроведува додека се обидува да се сокрие зад наводниот „ дух на Дејтон“, всушност тој, од ден во ден, со својата ароганција, го доведува во прашање, смета Бајтал.
Професорот појаснува дека поради ваквите закани, БиХ треба да биде ставена на „брза лента“ за членство во НАТО и ЕУ.
-Би било логично да се направи токму тоа, со оглед на искуствата од 1990-тите и нескриените српски амбиции за создавање на т.н. „српски свет“ овие години, што е еуфемизам и друго име за концептот за Голема Србија, во чие име беше урната Југославија, а Босна заплива во четиригодишно крво насилство, со конечното извршување на геноцидот во Сребреница. На крајот на краиштата, Македонија и Црна Гора ги почувствуваа апетитите на Голема Србија, со софистицирана помош на Москва, во изминатите години, на своја кожа и на свој начин, наведува Бајтал.
На прашањето што мисли за војната во Украина и смета ли дека преговорите меѓу двете страни ќе вродат со плод, Бајтал вели дека секоја војна има свој крај.
-Никој не знае кога ќе заврши украинската во овој момент. Дури ни Путин кој го започна бидејќи, очигледно, работите во Москва не одат онака како што е стратешки планирано. Украина пружи отпор што Москва не го очекуваше, а загубите на Русија се поразително различни од очекуваните. Итно или не, Путин се најде во многу незавидна ситуација, барајќи начин некако и навидум непоразен да излезе од хаосот што го создаде и кој ќе бара историско-политички отчет како пред светската, така и пред руската јавност. Преговорите што ги води со Украинците и се пореалните руски услови, за разлика од првичните, симптоматично говорат во таа насока, дециден е тој.
Лично смета дека Украина ќе биде „политичка гробница на Владимир Путин и дека Русија“, односно нејзините граѓани, ќе ја плати високата политичка, економска и цивилизациска цена на оваа, сосема непотребна, „дивјачки деструктивна агресија врз една суверена земја“.
Заканите на рускиот амбасадор во БиХ се поврзани со неговиот многу негативен однос кон одредени медиуми во БиХ кои пишуваа за негативното руско влијание во регионот, вели за „Локално“, воениот аналитичар од БиХ, Неџат Ахатовиќ.
Според него, амбасадорот Калабухов мисли дека може низ БиХ да го уапси и затвори секој кој протестира или критикува употреба на сила за решавање на бројни меѓународни прашања во односите меѓу Руската Федерација и остатокот од светот, вклучувајќи ги БиХ и Руската Федерација.
-Се разбира дека Путин може да спроведе многу шаблони за дестабилизација на БиХ, а со тоа и целиот регион во кој Додик не мора ни да биде вклучен додека сè не се заврши, исто како и поранешниот украински претседател Виктор Јанукович, кој седи во Минск сега, чекајќи ја ситуацијата во неговата земја, вели Ахатовиќ.
Аналитичарот се согласува дека приоритет е членството на БиХ и Косово во НАТО, со цел да се ограничи можноста за малигно влијание и регионот да продолжи да се движи кон полноправно членство во ЕУ за што е потребно време и радикални реформи, особено започнување на вистинска борба против корупцијата и институционалниот криминал.
-Апсолутно верувам БиХ може да стане дел од НАТО во наредните неколку години. Ние имаме институционален консензус за тоа постигнат во 2009 година. Ако се изрази волјата на сите членки на НАТО, БиХ, која нема гранични спорови, за разлика од Косово, може веднаш да биде солиден кандидат за членство, но изоставувањето на Косово повторно и дава шанса на Руската Федерација да има негативно влијание и да ја дестабилизира Србија, БиХ и целиот регион, објаснува Ахатовиќ.
Воениот аналитичар се сложува дека агресијата врз Украина е незаконски чин од аспект на меѓународното право, кој го осудија 141 член на Генералното собрание на ОН.
-Сега се поставува правно прашање, каква улога може да продолжи да игра една од земјите основачи на ОН во почитувањето на меѓународното право? Што се однесува до воената ситуација, очигледно е дека руската воена сила не може да го даде резултатот што го бара Путин пред санкциите да почнат да влијаат на руската економија. Сепак, намерното пукање во цивили загрижува и предизвикува сомнеж за воени злосторства кои треба да се истражат во институцијата на Меѓународниот Хашки трибунал. Преговорите мора да бидат инструмент за решавање на проблемите, силата не е начин за решавање спорови, а особено не начин да се оправда употребата на сила со последиците од глобалните движења без оглед на причините. Многу би било препорачливо од аспект на страдањето на цивилите, преговорите да постигнат договор за прекин на непријателствата меѓу Руската Федерација и Украина што е можно поскоро, подвлекува Ахатовиќ.
Н.П.