Судот во Босна и Херцеговина им одреди едномесечен притвор на министерот за безбедност Ненад Нешиќ, директорот на Патишта на Република Српска, Милан Дакиќ и директорот на компанијата „Легенда“ Младен Лучиќ, објавија денеска медиумите во Босна и Херцеговина.
Обвинителството на Босна и Херцеговина ги товари Нешиќ, Дакиќ и Лучиќ за заговор за извршување кривични дела, злоупотреба на службената положба или овластување и примање поткуп.
Притворот им е одреден поради опасност дека можат да ги уништат, сокријат, променат или фалсификуваат доказите и трагите важни за кривичната постапка, како и поради страв дека можат да влијаат врз сведоците, соопшти Судот на Босна и Херцеговина.
На Нешиќ пред закажаното рочиште во сабота му се слошило, па завршил во Итната помош, а потоа повторно му се слошило по сослушувањето, по што бил хоспитализиран во Клиничкиот центар на Универзитетот во Сараево.
„Нешиќ останува во болница. И тоа е тоа. Го чуваме долу. Кога лекарите ќе одлучат да го ослободат, ќе биде префрлен во затвор“, изјавил управникот на затворот во Војковиќ, Синиша Перковиќ.
Одбраната на Нешиќ, Дакиќ и Лучиќ најавила жалба на одлуката на тамошниот суд.
На почетокот на месецов, Нешиќ заедно со придружна делегација, престојуваше во работна посета во Македонија, каде што со свечена церемонија беше пречекан од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Нешиќ потсети дека уште од времето на техничката влада во земја бил во контакт со неговиот македонски колега. Во својата изјава тој нагласи дека е разговарано за сѐ што претстава проблем за безбедноста на БиХ и Македонија, како што е нелегалната миграција.