Ботас: Ќе продолжам да вршам притисок врз Хамилтон

од Vladimir Zorba

Возачот на Мерцедес, Валтери Ботас е задоволен од победата на ГП на Русија и вели дека цело време ја контролирал трката.

Финецот славеше во Сочи по втор пат во кариерата и го забележа својот втор триумф во сезоната, откако вешто ги искористи казните на неговиот тимски колега Луис Хамилтон од вкупно 10 секунди.

„Знаев дека ова ќе биде долга трка, но во моментот кога имав шанса, не застанав. Имав одлично чувство, голема брзина и контрола над сите случувања на патеката“, рече Ботас.

После денешната победа, Ботас го зазема второто место во генералниот пласман со 161 поен. Лидерот Хамилтон има 205.

„Убаво е да се забележи победа и да се намали разликата зад Луис. За мене беше потребно да го задржам моментумот. Ќе продолжам да го притискам, има уште трки, не сакам да се откажувам и ќе видиме како сè ќе заврши“, изјави 31-годишниот возач.

Овогодинешниот шампионат во Формула 1 продолжува на 11 октомври со ГП на Ајфел на патеката Нирбургринг.

Слични содржини