Валтери Ботас, возачот на Мерцедес, изјави дека неговиот тимски колега Луис Хамилтон заслужено ја освоил седмата шампионска титула во Формула 1 и изјави дека ќе се обиде да биде подобар од него следната година.
Ботас математички беше единствениот конкурент на Хамилтон за титулата, а во трката за Големата награда на Турција, требаше да освои осум бода повеќе од Британецот, со цел да ја продолжи борбата за титулата до следната трка, но по лошото возење го зазеде само 14-то место.
„Трката беше долга, долг ден. Отпрвин, сè тргна наопаку. Некој се сврте на патеката во првиот свиок и имаше контакт. После тоа, автомобилот не беше ист. Се борев да останам на вистинскиот пат. Тоа беше борба за опстанок“, рече Ботас.
Хамилтон ја освои седмата титула и го изедначи рекордот на Михаел Шумахер, откако победи на трката во Истанбул.
„Тој го заслужи тоа. Генерално, тој беше подобар. Ова е навистина добро за него. Ќе се обидам да го победам следната година “, изјави Ботас.