За промената во правилникот за формирање на највисоката цена на нафтените деривати и наместо секојдневно да се пресметува, цената на горивата сега ќе се пресметува еднаш неделно, министерката за енергетика, Сања Божиновска информира дека тоа пресметување е воведено поради војната во Украина од 2022 година. Според неа, досега имавме само едно зголемување на цените на горивата и смета дека граѓаните не се оштетени.
-Ако се видат сите цени, граѓаните не се оштетени. РКЕ ги прати и ги формира цените. Сите работиме за интересот на граѓаните и не верувам дека они прават нешто спротивно од интересот на граѓаните. И со тоа зголемување на дизелот за 14,5 денари, ние имаме најевтино гориво во регионот. Значи 1,39 евра е кај нас со зголемувањето, во Бугарија литар дизел е 1,41 евра, во Словенија 1,52, во Грција е 1,59, во Албанија е 1,89, а во Црна Гора е 1,45 евра.., рече Божиновска за медиумите. Таа порача дека не сака да види профитерство за овие неколку недели.
Инаку, повод за прес конференцијата беше одлуката на ОКТА до крајот на март да ги намали за два денари по литар цените на дериватите што од неа ги набавуваат трговците на големо и на мало. Сепак, дали оваа одлука ќе се рефлектира и на крајната цена во малопродажба е одлука што треба да ја донесат самите компании.