Тоа важи за краткорочните договори колку што ми е познато, меѓутоа бидејќи го ставија од 1.1. 2027 година, мислам дека ќе има уште поместување, изјави министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, запрашана откако министрите за енергија на земјите-членки на ЕУ вчера се договорија за план со кој до јануари 2028 година целосно ќе се укине увозот на руска нафта и гас во блокот.
Околу тоа дали ќе има некакви импликации врз македонскиот пазар, Божиновска вели дека од 1-ви јануари 2026 година ќе важи за краткорочните договори.
-За долгорочните не влијае. Македонија троши 500 илјади метри кубни која не е голема количина. Што се однесува за вториот рок 1-ви јануари 2027 година, тука ние веќе работиме на гасоводот со Грција. До тогаш би требало да биде готов и мислам дека нема има проблем. Тоа ќе се решава на европскo ниво, на ниво на ЕУ. Сите тие што нема да можат и треба да бараат алтернативи, ќе има разговори во Брисел и ќе се пронајде алтернативно решение, рече министерката во изјава за медиумите.
Министрите за енергија на ЕУ постигнаа договор за преговарачка позиција за нацрт-регулатива за постепено укинување на увозот на руски природен гас на состанокот во Луксембург, објави Советот на ЕУ.
Откако Европскиот парламент ќе ја дефинира својата преговарачка позиција, Претседателството на Советот на ЕУ ќе започне преговори со законодавното тело за конечниот текст на регулативата.
Регулативата, клучен елемент од планот на ЕУ за ставање крај на нејзината зависност од руската енергија, воведува правно обврзувачка, постепена забрана за увоз на гас од Русија, со целосна забрана што ќе стапи на сила од 1 јануари 2028 година.
Преговарачката позиција на Советот на ЕУ го вклучува ставот дека краткорочните договори склучени пред 17 јуни 2025 година можат да се спроведуваат до 17 јуни 2026 година, а долгорочните договори до 1 јануари 2028 година.