Божиновска обелодени зошто ваучерите за инвертери не се подигнуваат по пошта

од Nikola Popovski
2,K прегледи

За големите редици за ваучерите за инвертер-клими пред салата „Борис Трајковски“ и за време на работно време, министерката за енергетика и рударство, Сања Божиновска денеска појасни дека не можело да се продолжи со испраќањето на ваучерите до граѓаните преку пошта. Според неа, начинот е променет поради тоа лицата треба да го потпишат и договорот.

-Процесот со Пошта е малку подолг и тие договори треба да се вратат назад. Така да сметавме дека ова е покорисно и поефикасно. Секако рокот е до крајот на месецот, не мора да се зема цел работен ден. Во министерството ќе имаме повеќе луѓе. Овозможивме на 30 места низ Македонија да се делат ваучерите, не мора сите во Скопје да доаѓаат. Рокот е до 30 ноември за да се купат. Колку што знам, нема рок до кога треба да ги инсталираат. Најбитно е да се платат и да се искористат, рече Божиновска пред новинарите.

-Има 24 дена за да се подигнат 6100 ваучери. Сметам дека нема потреба да се чека толку во ред. Може да дојдат и кај нас во министерство. Не значи дека ако денес не го земат ваучерот, нема да се подигне, додаде министерката.

Преку Програмата за енергетска ефикасност во домаќинствата добитници на вредносен ваучер од 23 000 денари или 25 000 денари се 4 591 домаќинство, а преку Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија добитници на вредносни ваучери во вредност до 30 000 денари се 1 591 домаќинство.

Доделувањето на ваучерите во СЦ „Борис Трајковски“ ќе се одвива од 9 до 17 часот, како и во Битола во спортската сала „Боро Чурлески“ во истото време, додека за останатите градови, подигнувањето на вредносните ваучери ќе биде во центрите за вработување за што Министерството склучи меморандум за соработка со АВРМ.

Поради големите гужви за подигнување на ваучерите за инвертери, рокот е продолжен и утре. Во спортските сали во Скопје и Битола и утре од 9 до 17 часот ќе можат да се земат ваучерите. Овој рок не важи за пунктовите во другите градови.

Слични содржини