Божиновска: Рударството мора да биде двигател на развојот – поддршка само за одговорни компании“

Божиновска потенцираше дека Министерството е посветено да создаде подобри услови за работа во секторот, но и да ја гарантира заштитата на јавниот интерес и природните ресурси.

од Vladimir Zorba
5 прегледи Фото: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со претседателот на Македонската асоцијација за рударство (МАР), Диме Петроски. На средбата беше нагласена важноста од отворен дијалог и партнерство меѓу институциите и рударскиот сектор, со цел воспоставување доверба и создавање конструктивна атмосфера за идната соработка.

Претседателот Петроски посочи дека рударската професија последниве години е под силен јавен притисок и нагласи дека целта на Асоцијацијата е да покаже дека ова е чесна и одговорна професија.

„Нашата цел е да покажеме дека ова е чесна и одговорна професија, која отсекогаш била гордост на земјата. Денес, таа се извршува со почитување на законите и соработка со институциите.“ изјави Петроски. Тој додаде дека „заработката е важна, но уште поважни се угледот, добриот имиџ и јавната перцепција за рударството како дејност која рамноправно се грижи и за животната средина.“

Министерката Божиновска потенцираше дека Министерството е посветено да создаде подобри услови за работа во секторот, но и да ја гарантира заштитата на јавниот интерес и природните ресурси.

„Разбираме дека рударскиот сектор бара подобри услови за работа, но должни сме да обезбедиме фер правила, транспарентност и заштита на ресурсите. Ќе се работи на намалување на административните бариери и усогласување со европските стандарди.“

Во однос на идниот развој на секторот, Петроски истакна дека е важно рударството да се третира како двигател на економскиот развој и благосостојбата на граѓаните. Оваа земја ни дала многу и тоа мора да го користиме одговорно.

Министерката Божиновска нагласи дека поддршка ќе добиваат токму оние компании што инвестираат во еколошки прифатливи технологии и вложуваат во локалните заедници.

„ Нашата цел е да изградиме фер и транспарентна регулатива која ќе гарантира и економски развој и заштита на животната средина. Во новите законски решенија и стратегии за рударство и геологија, риоритет е воспоставување на најстроги еколошки стандарди при истражувањето, експлоатацијата и преработката на минералните суровини, јакнење на обврските за рекултивација, поддршка на локалните заедници и обезбедување поголема контрола и транспарентност во секторот. Важен е и развој на човечкиот капитал. Особено значајна е соработката со универзитетите и стручните училишта за да изградиме нови генерации квалификуван кадар за рударскиот сектор.“

На средбата беше нагласена и потребата од нови инвестиции и модернизација со воведување современи технологии за почисто и поефикасно производство. „Современиот начин на живот носи зголемена потреба од минерали и ресурси, што ја прави модернизацијата и одговорното рударство неопходни.“ додаде Петроски.

И двете страни се согласија дека вложувањето во локалните заедници и транспарентното работење се клучни за јакнење на довербата меѓу јавноста и рударските компании. Како следни чекори, беше договорено дефинирање заеднички активности и динамика на соработката, меѓу кои формирање тематски работни групи, организирање редовни состаноци и подготовка на меморандум за соработка.