Божиновска се откажала од бугарското државјанство пред неколку месеци, ВМРО-Народна смета дека тоа се случило под партиски притисок

од Nikola Popovski
160 прегледи

Новата министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска вчера откри дека веќе се откажала од бугарското државјанство и тоа неколку месеци пред да стане министерка во Владата на ВМРО-ДПМНЕ. Таа соопшти дека тоа не го навела во официјалната биографија, затоа што повеќе ги нема овие документи.

За бугарскиот пасош, Божиновска тврди дека е со истечен рок и дека не побарала негово продолжување. Вели дека своевремено го користела заради деловни активности на територијата на ЕУ.

Нејзиното барање за отпуст од бугарското државјанство било прифатено, објаснува министерката, а сите неопходни документи предвидени во постапката биле соодветно поднесени.

Се огласија од партијата ВМРО-Народна. Порачуваат дека Божиновска се откажала од бугарското државјанство под притисок на нејзини сопартијци и колеги и ја повикаа да го задржи за да докаже дека може да има Бугари на високи позиции во Македонија.

„ВМРО-Народна партија смета дека владеачката структура многу повеќе ќе ѝ помогне на Република Северна Македонија доколку министерката го зачува државјанството и пасош, со тоа ќе ја побие тезата на сите оние кои критикуваат дека во Македонија не може да функционираат Бугари на високи државни функции, а напротив вака само ќе ја потврдиме тезата дека се што е бугарско во Македонија се „шиканира“.

Посебно интересно во оваа приказна е што никој не реагира на српското државјанство и пасош на вицепремиерот Иван Стоилковиќ со што само се зацврстува фактот дека во нашата Македонија масовно се применуваат двојни стандарди и дека водиме двојна политика кон етничките заедници во нашата држава“ се вели во партиското соопштение“, стои во партиското соопштение на партијата на Љубчо Георгиевски.

Бугарски медиум „Фактор“ вчера во подолг текст се осврнува на изборот на Божиновска за министерка. Во текстот се наведува дека Божиновска била дел од огромната деловна структура поврзана со Србија, Москва и Кина, како и дека раководела со компанија во Бугарија со милионски промет. Како што пишува „Фактор“, Божиновска, не само што поседувала бугарско државјанство, туку имала сериозен бизнис во Бугарија. Била и менаџер на моќна компанија.

Премиерот Христијан Мицкоски пред два дена кажа дека не гледа ништо спорно што член на неговиот кабинет нема наведено во својата биографија дека поседува државјанство на Република Бугарија и Република Чешка. Според него, Божиновска не ја манипулира јавноста, туку станува збор за центри на моќ кои се обидувале да направат дефокус на работата на Владата.

Слични содржини