Манчестер Јунајтед го пречекува Брајтон во 22. коло од англиската Премиер лига. „Галебите“ им останаа должни на „ѓаволите“ за првиот пораз сезонава.
Иако Јунајтед ја прекина серијата од три порази со победа над Саутемптон во четвртокот, менаџерот Рубен Аморим призна дека тимот одиграл лошо.
„Ѓаволите“ од нов срам ги спаси Амад Диало, со „хет-трик“ постигнат меѓу 82. и 90+4. минута. Младиот крилен бек од Брегот на Слоновата Коска е спасител на Јунајтед во последно време, со неговите голови им донесе бод против Ливерпул и трите против Сити, сите во финалето.
Навивачите на Јунајтед ќе се надеваат дека денеска нема да биде толку драматично, иако историјата на нивните средби не им оди во прилог. Брајтон знаеше да ги расипе плановите на „црвените ѓаволи“ и во посреќни денови за овој клуб.
Тие го нанесоа првиот пораз сезонава, некаде во август на јужниот брег на Англија, а претходните две сезони победија на „Олд Трафорд“. Сега Јунајтед е во опасност да загуби три домашни натпревари по ред од ист тим за прв пат во историјата на Премиер лигата, а тоа не е градскиот ривал Манчестер Сити!