Играчот од средниот ред на Манчестер Јунајтед, Касемиро не бил повреден за финалето на ФА Купот против Манчестер Сити, но решил самиот да го гледа натпреварот од трибините откако сфатил дека нема да биде во почетниот состав на Ерик тен Хаг. Ова во телевизиско интервју го тврди Нордин Амрабат – братот на Софијан Амрабат, кој минатата сезона играше како позајмен во Јунајтед и стартуваше како стартер на спорниот натпревар.
„Касемиро не беше повреден за финалето на ФА Купот. Тој сфати дека нема да започне, а потоа одлучи дека во тој случај ќе го гледа натпреварот од трибините. Беше подготвен за игра“, изјави Нордин Амрабат.
Ова дополнително ги подгреа шпекулациите дека Касемиро има голема веројатност да го напушти клубот ова лето, иако тој неодамна изјави дека е среќен во Манчестер Јунајтед и сака да остане на „Олд Трафорд“.
Според информациите во Англија, три клуба од Саудиска Арабија имаат сериозен интерес за привлекување на 32-годишниот поранешен играч на Реал Мадрид.