Матијас Погба – еден од двајцата браќа на Пол Погба – реагираше на неодамнешните откритија дека е дел од криминална банда која се обидува да го изнуди фудбалерот на Јувентус за 13 милиони евра.
Француското издание France Info пред неколку часа објави материјал во кој подетално ја опишува шемата во која се вклучени роднините и блиските пријатели на светскиот шампион.
Сепак, според Матијас, напишаното е верзијата што ја споделил Пол Погба и затоа не треба да и се верува.
„Стана јасно тоа што го очекував“, сподели денеска Матијас Погба на социјалните мрежи. „Мојот помал брат конечно почнува да ги покажува своите вистински бои. Ја лажеше полицијата и ги кажа овие работи (на медиумите)“.
„Пол, сакаше да ме затвориш и да ме испратиш во затвор. Се посомневав во такво нешто, а сега гледам дека е така. Ќе ја споделам мојата верзија на фактите и, за разлика од вас, имам како да ја докажам вистинитоста на моите зборови и да ги разобличам твоите лаги. Пак ти порачувам: брат, не е добро да манипулираш со луѓето“, продолжува Матијас.
„Не се работи за пари: ме потопи и за малку ќе умрев поради тебе. Ме остави во дупката додека бегаше обидувајќи се да се правиш невин. Кога сè ќе стане јавно, луѓето ќе видат дека нема поголема кукавица, предавник и лицемер на овој свет од тебе“.
Матијас Погба, кој е 4 години постар од играчот на Јувентус, беше посочен од неговиот брат како еден од луѓето кои се обидуваат да го изнудат за 13 милиони евра.
Матијас Погба има брат близнак – Флорентен. И двајцата се фудбалери, но на пониско ниво.