Бразилската полиција во понеделникот расчисти протестен камп пред седиштето на вооружените сили во Бразилија и приведе околу 1.500 луѓе, еден ден откако радикалните поддржувачи на поранешниот десничарски претседател Жаир Болсонаро ги нападнаа државните институции.
Илјадници демонстранти упаднаа во Конгресот, Врховниот суд и претседателската палата во неделата, одбивајќи да го признаат изборниот пораз на Болсонаро од левичарот Луис Инасио Лула да Силва, кој пред седум дена положи заклетва како претседател на Бразил.
Болсонаро, кој моментално живее во американската сојузна држава Флорида, никогаш јавно не ја објавил и признал загубата на изборите.
По насилството во неделата, Врховниот суд нареди камповите на демонстрантите, вклучително и тој пред воениот штаб, да бидат расчистени во рок од 24 часа, што предизвика голема полициска операција, објави порталот на Г1.
Во неделата беа уапсени 230 осомничени бунтовници кои, за време на насилството во Бразилија, ја ограбија зградата на Конгресот, пробија барикади, се качија на покривот и кршеа прозорци.