Брегу: Почнувањето на преговорите со С. Македонија и Албанија е приказ на геополитичката зрелост на Европа

од Vladimir Zorba
147 прегледи

Генералниот секретар на Советот за регионална соработка (РСС), Мајлинда Брегу изјави дека претстојниот самит на Берлинскиот процес, доколку политичарите се согласат, може да донесе значителни промени за просечните граѓани на Западен Балкан.

Во интервју за агенцијата Бета, Брегу посочи дека стапката на ризик од сиромаштија во регионот расте и дека ниту една од шесте економии на Западен Балкан, според проекциите на ММФ, нема да ја достигне стапката на раст од 2021 година дури и во 2027 година, нагласувајќи дека токму во време на криза доаѓа до израз регионалната соработка. Брегу наведе дека, според ММФ, прогнозите за стапката на инфлација за регионот се движат до 27,8 отсто со раст на потрошувачките цени до 12,8 отсто во 2022 година.

Таа додаде дека пондерираниот просечен раст на БДП на шесте економии од Западен Балкан во 2021 година бил 7,6 отсто, но дека таквата висока стапка на раст на БДП се должи на намалувањето на растот од 3,1 отсто од 2020 година, која е референтна година и дека „годинешната стапка на раст на БДП се предвидува да биде на многу пониско ниво имајќи предвид дека регионот во голема мера е поврзан со еврозоната“.

Посочувајќи дека растот на инфлацијата несразмерно ги погодува сиромашните, Брегу го изрази својот страв дека „со оглед на тоа што населението во регионот на Западен Балкан троши повеќе од 50 отсто од буџетот на храна, пијалоци, струја, гас и други горива, повеќе домаќинства би можеле да бидат турнати во сиромаштија, а особено имајќи предвид дека стапките на ризик од сиромаштија во регионот се веќе високи и повисоки од просекот на ЕУ од 21,9 отсто од населението“.

Брегу посочи дека кризата „повикува на трезвено размислување за предизвиците, слабите точки, но и можностите“ и дека токму тука доаѓа до израз регионалната соработка, потсетувајќи на соработката за време на пандемијата и формирањето регион без роаминг, како добри примери.

Брегу рече дека верува оти „регионалната економска интеграција на Западен Балкан не е независен процес доколку не е придружена со конкретни планови и јасна патоказ за тоа како и кога Западен Балкан ќе го започне конкретниот процес на постепено приближување кон ЕУ. “.

„Или, со други зборови, кога ќе почне да ги усогласува политиките и пристапите кон единствениот пазар, како што со право предложи претседателот Фон дер Лејен за Украина“, додаде таа.

Во овој контекст, рече Брегу, „отпочнувањето на долгоочекуваните преговори со Албанија и Северна Македонија беше добредојден приказ на геополитичката зрелост на Европа, која го нема луксузот да се соочи со војна на својот континент и нова безбедносна криза на Балканот“.

„Се надевам дека Босна и Херцеговина ќе добие кандидатски статус, како и безвизен режим за Косовците. Ова испраќа добра порака до граѓаните“, додаде таа.

Таа, исто така, потсети дека истражувањето на Балканскиот барометар за прв пат по осум години забележа негативен тренд и пад на поддршката за европската интеграција, при што 60 отсто од граѓаните на Западен Балкан сметаат дека членството во ЕУ е добра работа.

„Зголемувањето на песимизмот кај граѓаните во однос на фактот дека нивната економија никогаш нема да влезе во ЕУ многу нè погоди. Минатата година беше 22 проценти, а оваа година беше 28 проценти“, рече таа.

Брегу посочи и дека само во 2018 година регионот на Западен Балкан изгубил 1,3 отсто од вкупното население, додека тоа се однесува само на оние кои легално мигрирале во ЕУ.

„Генерално кажано, заканата од депопулација се наѕира над цела Југоисточна Европа, која може да изгуби речиси 30 милиони луѓе во овој век, а тоа не се ни песимистички предвидувања“, посочи таа.

Зборувајќи за енергетската состојба, Зелената агенда и претстојната зима, Брегу рече дека „каскадниот ефект на повисоките цени на енергијата и нафтата доведува до повисоки цени на транспортот“, што според предвидувањата на Светска банка може „да влијае на доаѓањето на дијаспората во Западен Балкан и приливот на дознаки“.

„Регионот веќе забележа помал пад на приливот на дознаки, додека просечниот нето прилив на дознаки, како процент од БДП, падна од 7,1 отсто во 2021 година на 6,6 отсто во 2022 година“, рече таа.

Брегу рече и дека според прогнозите на Светска банка, просечната вредност на јавниот долг ќе се зголеми од 39,6 на 46,4 отсто од БДП во 2022 година.

„Во превод, во нашиот регион има толку голем дел од БДП што би можел да оди за снабдување со енергија, што ќе влијае на подготвеноста и способноста на владите од регионот за спроведување на Зелената агенда за Западен Балкан. Со оваа агенда ќе ни требаат повеќе финансиски средства, планови за декарбонизација, синергија со инструментите на Европската унија, соодветни информативни кампањи…“, додаде таа.

Брегу смета дека Западен Балкан треба да бара одржлив систем за снабдување со енергија и дека „единствениот правилен пат вклучува добра перспектива на зелен раст и побрза транзиција кон чиста енергија, што би довело до позелени и понезависни енергетски системи“.

„И покрај моменталната тешка ситуација на енергетскиот пазар, со голем скок на цените на енергијата и висок степен на ранливост на овие нагли промени на цените, нашиот регион треба да остане на патот на реформите насочени кон декарбонизација“, рече таа.

Слични содржини