Генералниот секретар на Советот за регионална соработка (СРС), Мајлинда Брегу, денеска изјави дека функционалниот регионален пазар е „најбезбедното средство“ за пристапување на Западен Балкан на пазарот на Европската унија.
„Идната перспектива на Западен Балкан е да се приклучи на единствениот пазар на Европската унија, а најсигурното средство за да нè доведе до таа цел е вистински и целосно функционален заеднички регионален пазар, непречен од регионални спорови. Тоа ќе биде тежок процес за двете страни“, изјави Брегу денеска во Скопје, каде што учествува на состанокот „Западен Балкан и ЕУ“.
Таа посочи дека годинава ќе се развијат два паралелни процеси – планот за пристапување на регионот на единствениот пазар на Европската унија и почетокот на втората фаза од Акцискиот план за заедничкиот регионален пазар, се вели во соопштението на СРС.
Новата фаза за создавање заеднички регионален пазар, на кој СРС веќе почна да работи, ги подразбира четирите слободи на единствениот пазар на ЕУ и ќе биде придружена со јасни стратешки цели насочени главно кон зајакнување на човечкиот капитал во области како што е образованието, иновации, дигитализација, мобилност, миграција, квалификувана работна сила за заминување, економско зајакнување на жените и зелената агенда.
„Втората фаза од заедничкиот регионален пазар ќе биде посложена бидејќи економската структура на регионот се промени за време и по пандемијата. Вештините во регионот треба да се модернизираат, да се зголемат и освежат. Затоа, новиот Акционен план за заедничкиот регионален пазар што го подготвуваме ќе биде поразновиден и ќе биде подготвен за одобрување од лидерите од Западен Балкан на следниот самит на Берлинскиот процес“, рече Брегу.