Растечката инфлација е глобална и достигна рекордно високо ниво од почетокот на 21 век. Ова предупредување го упати еврокомесарот за внатрешен пазар Тиери Бретон во интервју за францускиот информативен канал LCI.
„За прв пат од почетокот на векот, гледаме толку високо ниво на инфлација. Тоа е глобален феномен кој е посилен во САД отколку во Европа“, рече тој.
Според него, последен пат ваква инфлација имало пред четириесет години, во 80-тите години на минатиот век. Еврокомесарот истакна дека инфлацијата почна да се забрзува уште пред конфликтот во Украина.
„Пандемијата на коронавирус, забрзувањето на економското закрепнување, цените на енергијата, суровините и ретките метали – како резултат на овие фактори, трендот на инфлација беше силен дури и пред украинскиот конфликт“, рече Бретон.
„Инфлацијата е особено распространета во САД и е многу тешко да се контролира“, рече тој. „Еден начин да се ограничи е да се зголемат банкарските каматни стапки, а овој процес веќе се случува во САД“, рече Бретон.
Според францускиот портал „Статиста“, просечната годишна стапка на инфлација во светот веќе изнесува 7,4%. Но, во некои земји, стапката на инфлација може да биде значително повисока поради локални фактори. Според „Статиста“, вкупната стапка на инфлација во речиси 80 земји може да се движи од 5 до 10 отсто во текот на годината.