Бриселски медиум: ЕУ го губи трпението со Мицкоски, бара објаснување за стратешките приоритети на Македонија

од Nikola Popovski
931 прегледи

Европската Унија сè повеќе се дистанцира од премиерот, Христијан Мицкоски, наведувајќи ја неговата неподготвеност да спроведе измени во Уставот кои се клучни за напредокот на земјата кон членство во ЕУ, пишува денес бриселскиот портал „EUalive“.

Порталот наведува дека европските дипломати првично биле претпазливо оптимисти по изборот на Мицкоски, надевајќи се на напредок во реформите, но тој оптимизам избледел бидејќи Брисел смета дека очекувањата и барањата на премиерот во Скопјe се нереални и спротивни на принципите на ЕУ. Пристапот на Мицкоски предизвикува загриженост во Брисел во врска со неговото разбирање за тоа како функционира ЕУ. Изворите велат дека тој не само што се обидува да ги одложи потребните уставни измени, туку и поставува барања до Бугарија, вклучително и декларација за признавање на македонското малцинство и почитување на пресудите на Европскиот суд за човекови права.

Тие барања се сметаат за неостварливи во институционалната рамка на ЕУ, бидејќи земјите-членки не можат да ги обезбедат билатералните гаранции што ги бара Скопјe, стои во текстот на медиумот.

Порталот додава дека дури и претставниците на ЕУ кои првично покажале политичка наклонетост кон Мицкоски сега се отворено критични. Зад затворени врати, Брисел се сомнева дека Мицкоски пропуштил можности да заземе попрагматичен став, веројатно од домашни политички причини или поради фокусот на претстојните локални избори.

-Загриженоста на ЕУ не е само за застојот во реформите, туку и за поширокиот надворешнополитички курс на Македонија, а Брисел сега бара појаснување во врска со стратешките приоритети. Како што просторот за напредок се стеснува, ЕУ го повикува Скопје решително да ги потврди своите европски амбиции, пишува „EUalive“.

Во текстот се додава дека зближувањето на Мицкоски со унгарскиот премиер Виктор Орбан, вклучително и економскиот договор од 2024 година, предизвика загриженост во Бугарија за можни промени во регионалните приоритети, особено неговото фаворизирање на железничката пруга Будимпешта-Белград-Скопје-Атина во однос на Коридорот 8 поддржан од ЕУ што ја поврзува Македонија со Бугарија.

-Мицкоски ја обвини Бугарија дека не гради добрососедски односи, што е основна вредност на ЕУ, и дека води дијалог кој е повеќе емотивен отколку рационален. Од друга страна, бугарската влада го обвинува Мицкоски за поткопување на меѓународните обврски и ширење манипулативни наративи, особено во врска со пресудите за човекови права.

Овие прашања одразуваат длабоко вкоренети несогласувања околу идентитетот, историјата и регионалната политика, што дополнително ги комплицира амбициите на Македонија за членство во ЕУ и позицијата на Бугарија како земја-членка со право на вето. Националистичкиот став на Мицкоски и непопустливоста на Бугарија во однос на нејзините барања, кои се и барања на ЕУ, продолжуваат да го попречуваат напредокот, а во моментов нема решение на повидок, заклучува „EUalive“.

Слични содржини